Русија во ноќта на 11. јули повторно ја нападна Украина со балистички ракети, крстосувачки ракети и беспилотни летала, при што Кијив беше една од главните цели на нападот. Според украинските власти, во главниот град се повредени 11 лица, меѓу кои и дете. Оштетени се станбени згради, деловни објекти и духовна семинарија, а во неколку делови од градот беа пријавени пожари и материјална штета.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X порача дека Украина повторно била цел на руски напад со балистички ракети и дронови, нагласувајќи дека заштитата на човечките животи не смее да чека.
Ноќта на 11 јули, рф повторно ја нападна Украина со балистички ракети и дронови. Во Кијив се повредени 11 лица, меѓу кои и дете. Оштетени се станбени згради, деловни објекти и духовна семинарија. На Украина ѝ е потребно итно зајакнување на ПВО. Заштитата на човечките животи не може да чека, напиша Дир.
Според украинските воздухопловни сили, Русија во нападот употребила 10 ракети од различни типови, меѓу кои шест балистички ракети, како и 121 беспилотно летало. Украинската противвоздушна одбрана соборила или електронски неутрализирала 111 дронови и две ракети, но директни погодоци биле регистрирани на повеќе локации.
Во Кијив, експлозии и пожари беа пријавени во неколку градски реони. Украинските служби за итна помош соопштија дека погодени или оштетени се деловни и магацински објекти, како и станбени згради. Во некои населби биле искршени прозорци и оштетени фасади, а дел од жителите ноќта ја поминале во засолништа.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, порача дека руските удари повторно погодиле цивилна инфраструктура и дека меѓу повредените во Кијив има и дете. Тој нагласи дека нападите врз станбени објекти, канцеларии и духовна семинарија уште еднаш покажуваат дека Русија ја користи балистичката закана како средство за терор врз цивилното население.




