Украина соопшти дека ги прекинала дипломатските односи со Никарагва поради признавањето на рускиот „суверенитет“ врз пет украински региони.
Украина официјално ги прекина дипломатските односи со Никарагва, објави синоќа на „Икс“ украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига.
Оваа одлука е донесена како одговор на признавањето од страна на Никарагва на таканаречениот суверенитет на Русија врз привремено окупираните украински територии, додаде тој.
Никарагва е клучен сојузник на Русија и Кина во Централна Америка. Во септември, Манагва потпиша трговски договори со петте региони чиј суверенитет го оспорува Украина.
Според Сибига, потегот на Никарагва е намерен обид за нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, што претставува тешко прекршување на украинскиот Устав, Повелбата на ООН и темелните принципи на меѓународното право.
Никарагва стана соучесник во злосторството агресија што Русија го изврши против Украина, оцени украинскиот министер.