Градот Вухан, епицентарот на глобалната пандемија на коронавирус, соопшти дека бројот на жртвите од КОВИД-19 е поголем за околу 50 проценти отколку што првично се мислеше. На бројката од 2 579 денеска беа додадени уште 1 290 смртни случаи или вкупно 3869 луѓе. Со ова, вкупниот број на починати од коронавирус на ниво на Кина достигна бројка од 4 632, пренесе „Ројтерс“.

Властите во Вухан соопштија дека бројот на жртвите е ревидиран поради доцните извештаи од медицинските установи и фактот дека некои пациенти со ковид-19 починале дома додека болниците биле преоптеретени во раните фази на епидемијата. Вкупниот број потврдени случаи на коронавирус во Вухан се зголеми за 325 на 50.333, соопштија властите.

При објавување на корегираната информација, градските власти изјавија дека не се кријат вистинските бројки. Единаесет милиони жители на Вухан поминаа 11 недели во строг карантин што беше укинат дури неодамна. Ревидираниот број беше објавен во време кога точноста на кинеските податоци за коронавирус почна да се доведува во прашање во странство, а кинеските граѓани изразија сомнежи.

„Во раната фаза на појавата на вирусот, поради ограничениот болнички капацитет и недостатокот на медицински персонал, неколку здравствени институции не успеаја навреме да се поврзат со локалните системи за контрола и превенција на болеста, што резултираше со задоцнето пријавување на потврдените случаи и грешки при броењето пациенти“, изјавил преставник на Вухан за националниот кинески радиодифузен сервис.

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Пекинг дека го криел размерот на епидемијата првично во Кина и го замрзна американското финансирање за Светската здравствена организација (СЗО), замерувајќи дека се приклонила кон Кина. И Лондон искажа сомнежи, а во четвртокот му се придружи и Париз кога францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека управувањето со коронакризата во Кина има сиви области, кажувајќи за „Фајненшл тајмс“ дека има работи што се случилеа за кои не се знае“.