Партијата, тоа сум јас. Таа ме облекува, го милува секој дел од телото, додека не го зграпчи центарот за расудување, тука станува безмилосна. Таа е вешта во тоа, во секој поглед, освен тоа таа знае како, со хируршка прецизност, филигранска истенченост да ги вклопува туѓите мозоци, тие стануваат едно, тие се оружјето, инструментот на партијата и изворот на крвоток на општеството, без неа државата не опстанува.

Комунистичките држави почиваа врз грозничавото, слепо подаништво кон партиите- беа совеста и свеста на општеството, на единката која беше непрепознатлива, вклопена во калапот на еден ум, едно битие, една партија. Наследството на комунизмот стана измачувачки долго, суровоста на Партијата се покажа во изобличеното лице на државата која ја произведе Груевски, сите негови луѓе, неговите следбеници, кои ја окупираа како пророци, апостоли, месии.

Шансата која сега ја има Заев е одлучувачка за опстанок на државата, затоа што како демократска, се покажа досега како непозната категорија. Полугите на моќ, тој човечки материјал е расиплива категорија, тогаш кога партијата ги вшмукува сите глави и ги испразнува безмилосно, додека не останат зомбиевски послушници, верни на господарот- а тоа секогаш е Партијата.

Затоа, Заев има само една шанса- да воспостави темели на непартизирано општество, ослободено од партиската мрежа, да заборави за момент дека “еден од елементите на еден политичар, а пред се на политички лидер е партизмот” (Макс Вебер), нека се фокусира исклучиво на останатите елементи-“борбата и страст”.

Вебер го споменува партизмот во исклучително значаен контекст- околу важноста службениците, бирократите да не подлегнуваат на партиско влијание, “не треба да го прават она што го прават политичарите… да не водат политика, туку да управуваат… sine ira et studio, без бес и пристрасност”.

Токму затоа, бирократијата има исклучително важна улога во едно демократско општество, кога е непартизирана, независна, автономна од какви било влијанија, без разлика дали станува збор за партиски, економски или други интереси, таа мора да функционира самостојно, според строги, непоколебливи принципи, зацртани правила и регулативи, “сфатена како служба на општеството во целост”.

Професионалното чиновништво во Европа  за кое пишува Вебер е старо 500 години, тоа се развивало постепено, градејќи преку долгогодишно образование високо квалификувани кадри, а силата на ова бирократско јадро врз кое почива едно општество се гледа преку честа на сталежот, со цел да се зачува интегритетот, вели Вебер:

“Без таа чест, над нас како судбина се надвива опасност од ужасна корупција и вулгарно филистарство (тесноградство, малограѓанство) кои би ги загрозиле и чисто техничките активности на државниот апарат”.

Неопходно е на оваа земја такво општество, во кое директорите, раководителите, а потоа и  службениците на државните фирми, значи целиот државен апаратус да  биде граден и избиран надвор од кренатите раце на некоја од или вон владините седници, со консензус од оние прсти кои им припаѓаат на министрите на Заев. Само заради партиски заслуги, партиска благодарност, партиски врвни достигнувања, да бидат избирани, промовирани, унапредувани, наградувани- со функции, титули, фотелји, привилегии да бидат славени, само заради партиската книшка, која, о, како не сфаќаат, не вреди ниту грош, ниту пак носи чест, достоинство, авторитет, квалификуваност, знаење, интегритет.

Само во такво општество,  бирократскиот сталеж ќе има моќ да произведува интегритет, право да говори за чест и чесност, правда и праведност, наспроти корумпираност, партиска припадност и послушност, само во такво општество оваа држава има шанси да опстане.

Изборот не е само на Заев, ниту пак моќта негова е одлучувачка. Се е на нас, се е препуштено на нас. Од нас зависи, се разбира дека секогаш само од нас зависи, никогаш од ниту еден лидер, од ниту една партија, се додека не се молчи, се додека не се препуштиме да бидеме штрафче во таа партиска машина, се додека не ја покажеме силата, дека сме ние оние кои поседуваат и ја практикуваат, без бес и пристрасност, без одмаздољубивост. Толку стара приказна, колку што е и политиката.