Британската премиерка Тереза Меј денес свика состанок на Советот на безбедност на Велика Британија на кој ќе се разговара за можни санкции против Русија во отуство на објаснувања од страна на Москва за труењето на рускиот екс шпион Сергеј Скрипал. Потоа таа ќе зборува во Парламентот на оваа тема за да ја објави одлуката на Советот за безбедност.

Поранешниот резервен полковник на руското воено разузнавање кој бил врбуван за британското разузнавање МИ6, поради што во 2010 година е осуден за предавство, Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија од минатата недела се во болница во критична состојба, откако се пронајдени без свест на клупа во градот Салсибери на југот од Англија. И полицаецот што се обидувал да им помогне се наоѓа во тешка здравствена состојба.

Меј изјави во понеделникот во Парламентот дека е „многу веројатно“ Русија да е одговорна за труењето со нервен агенс на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка.

Меј нагласи дека Британија во врска со тој случај е подготвена да преземе далеку посеризони мерки кон Русија отколку порано.

– Голема е веројатноста дека Русија е вмешана во труењето на Скрипал бидејќи е утврдено дека супстанцата е од Русија, нагласи Меј. Според неа, се работи за нервно-парализирачки гас со име „новичок“.

Во вторникот руската амбасада во Лондон стави на знаење дека Русија “нема да одговори на ултиматучот” се додека не добие “примероци на хемиската супстанца” за која е обвинета дека ја користела за труење на Скрипал. Русија побара заедничка истрага за случајот  и предупреди дека и Русија ќе превземе мерки доколку дојде до санкции. За Русија британските обвинувања се без основа и се “брутални напади” и “лаги” на Лондон кој води “валкана информативна војна против Русија”.

Премиерката Меј ја има поддршката на своите сојузници како Франција, Германија или САД кои исто така го осудија труењето на Скрипал на британска територија. Според шефот на британската дипломатија Борис Џонсон, доколку одговорноста на Русија се потврди тогаш станува збор “за неразумно однесување кое е закана за меѓународната заедница и бара меѓународен одговор”.

Според Меј, нападот го направила или руската држава или Москва загубила контрола врз нервно-парализирачкиот гас кој потоа се нашол во трети раце.

Можни санкции

Помеѓу можните санкции против Русија е бојкот на Светскиот фудбалски куп во Русија, одземање на дозволата за работа на руската ТВ Раша Тудеј, Меј го спомена и присуството на британските трупи во Естонија во рамките на вежбите на НАТО во Балтикот или одземање на добрата на лица виновни за нарушување на човековите права како во случајот на Литвиненко, екс руски таен агент отруен со полониум во Лондон во 2006 година.

На ова Русија одговори дека и таа е подготвена да им забрани работа на сите британски медиуми во Русија доколки дојде до затворање на Раша Тудеј во Велика Британија.