Почина Ентони Бордејн писател, готвач и автор на исклучително популарни кулинарски шоуа на најпознатите светски тв канали. Како што објави Си Ен Ен 61 годишниот Бордејн извршил самоубиство.
Ентони Бордејн ја достигна славата во 2000 година, со неговиот бестселер „Kitchen Confidential“. Тој во книгата раскажува за неговата злоупотреба на дроги, вклучувајќи кокаин, хероин и ЛСД.
Светски познатиот кулинар патуваше 250 денови во годината за да ја сними неговата емисија.
Неговата прва телевизиска емисија беше „A Cook’s Tour“ во 2002 година. Три години подоцна тој се придружи на „Travel Channel“ со емисијата „No Reservations“, со што освои две Еми награди.
Тој се префрли на Си-ен-ен во 2013 година, каде што имаше нова кулинарска емисија „Parts Unknown“ која има 11 сезони.
Мудри изреки
„Патувањето те менува. Како што одиш низ животот и овој свет, ти ги менуваш работите полека, оставаш траги, колку и да се мали. И за возврат, животот и патувањето – оставаат траги на тебе. Во поголемиот дел од времето, тие траги – на твоето тело или срце – се убави. Иако често може да болат“
„Твоето тело не е храм, туку забавен парк. Уживај во возењето“
„Вештините може да се научат. Карактерот или го имаш, или го немаш“
„Претпоставувај го најлошото. За секого. Но, не дозволувај тој отровен поглед на работите да влијае на твоето работење. Остави сето тоа да се стркала низ твојот грб. Игнорирај го“
Каков беше неговиот приватен живот?
Тој израснал во Њу Џерси, предградие на Њујорк Сити.
Неговиот татко бил високо образован државен службеник, а неговата мајка работела како лектор во Њујорк Тајмс.
Тој бил женет двапати. Првиот брак го склучил со неговата девојка од средношколските денови и тој брак траел 20 години. Две години подоцна, тој се оженил со Отавиа Бушиа и во 2007 година ја добил ќерката Ариана.
Тие се развеле во 2016 година. Според него разводот бил последица на неговите чести патувања.
Минатата година тој започна врска со италијанската актерка Асиа Арџенто, која режираше една епизода во која тој го посети Хонк Конг.
Тој цврсто застана зад движењето #MeToo, откако неговата девојка го обвини поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнстејн за силување.
Реакции по самоубиството
-Ова е исклучително тажна вест што треба да ја споделиме за смртта на нашиот пријател и колега, Ентони Бордејн, се вели во соопштението на ТВ мрежата, каде шпред неколку дена беше претставен неговата најнова 11 по ред сезона на емисијата “Непознати денови“.
Бордејн го нарекуваа господар на неговите занаети – прво во кујната, а потоа и во медиумите. Преку неговите телевизиски емисии и книги, тој ја истражуваше човечката состојба и ја учеше публиката да размислува поинаку за храната, за патувањата и за самите себе. Тој се залагаше за маргинализираните групи и водеше кампања за побезбедни работни услови во рестораните.
Во својата кариера, тој практично ги доби сите награди кои индустријата можеше да ги понуди.
Засега нема други детали за смртта на Бордејн, која се случува неколку дена откако модната дизајнерка Кејт Спајд се самоуби во нејзиниот стан во Менхетен.
Самоубиството е сé поголем проблем во САД. Американските центри за контрола на болести и превенција објавија анкета во четвртокот, покажувајќи дека стапките на самоубиства се зголемиле за 25 отсто во САД за речиси две децении, заклучно со 2016 година.
Дваесет и пет држави регистрирале пораст на самоубиства за повеќе од 30 отсто, се вели во извештајот на владата.




