Во која мера брендовите како МекДоналдс, Кока-кола, Леви’с, Малборо, или филмските, уметничките или рок звездите од Џемс Дин, Мерлин Монро, Енди Ворхол, Елвис Присли, Дејвид Бови до Боно, Бијонсе или Бред Пит и Анџелина Џоли..влијаеле за да ја засакаме западната култура и цивилизација? Од Гутенберг до Мартин Лутер за време на Реформата и од појавата на филмот, радиото, телевизијата, рекламата до денес, овие алатки се трансформираа во најмоќниот вектор на влијание врз масите.

Дури и Сталин со голема страст ги гледал холивудските продукции на Чаплин, Тарзан со Џон Вајсмилер, Џон Вејн, иако последниов го осудил на смрт заради „империјалистичките говори и нападот врз СССР..“ Сите споменати инструменти преку импресијата на сликата, говорот, звукот, рекламата поседувале една „сила на убедување, која се толкува и како стратешка обработка на силата на една нација“ позната и како „мека моќ“, наспроти „грубата сила“ (Hard power) односно интелигентната сила (Soft power).

Што е „мека моќ“

Изразот „мека моќ“, „мека сила“ (soft power) e доктрина развиена од страна на Жозеф Неј, поранешен потсекретар во администрацијата на претседателот Картер и подоцна во администрацијата на Бил Клинтон. Во делото „Наменето за предводење“, (Bound to Lead), Неј истакнува дека неговата теорија претставувала одговор на тезата на британскиот историчар Пол Кенеди кој во 1987 ја развил доктрината дека „американското заоѓање е неизбежен историски процес“. Според Неј, концепцијата на Кенеди била погрешна и надмината, со оглед дека природата на моќта на крајот на XX- от век била сосема различна од онаа во XV- век врз која се реферирал Роберт Кенеди во своите почетни рефлексии. Извесно е дека државата која поседува најсилна армија и најголем број боеви нуклеарни глави не значи дека е и најмоќна. Тој предлага  анализата на силата да се поими на поинаков начин, како вид промена на парадигмата.

За да се сфати наједноставно природата на моќта и силата, Неј ја развива тезата за „меката моќ“(soft power) односно „моќта на убедување“. Според дефиницијата „меката моќ“ е спротивна на „грубата моќ“ (hard power) која е насилна, воена, економска. Кога е во прашање „меката сила“ , тезата за „морковот“ и „камшикот“ не е релевантна. Во стриктното поимање, „меката моќ“ е способност на една држава да добие од друга држава тоа што го посакува без оваа да биде свесна за тој процес. Денес никој во слободниот свет не посака воена интервенција за да се освои еден народ или територија. Територијата може да се освои и по мирен пат преку имплементацијата на „меката сила“. „Подобро е да се кооптира народот отколку истиот да се покори со физичка сила“, гласи основниот слоган на „ soft power” филозофијата. И навистина,колективната меморија сведочи дека беше лесно да се освои Виетнам, Ирак, Авганистан а и денес Украина, но тешко е да се остане таму и да се живее мирно и без жртви. Затоа стигматизацијата на окупацијата се настојува да се замени со поелегантната и пацифистичка формула „мека сила“. Алатките на „меката сила“ се разновидни и потекнуваат од повеќе домени, како што се културата, уметноста, филмската индустрија, литературата, технологијата, нумеричката индустрија,религијата, спортот, забавата, комуникациите, начинот на живеење, туризмот.

Бугарска „мека моќ“ која ветуваше

Познато е дека уште од времето кога била предложена концепцијата за создавање на Санстефанска Бугарија како мега-држава која би профункционирала по Санстефанскиот мировен договор од 1878 година, надежите на бугарската политичка елита биле изневерени. Почнувајки од јуни 1878 година, кога во Берлин бил свикан Берлинскиот конгрес на кој било признато правото на Бугарија да постои како независно кнежевство, но само во граници меѓу Дунав и Стара Планина и Софискиот санџак, произвело големи фрустрации кај бугарската политичка елита. Речиси 150 години независно од природата на политичкиот систем, таа мечтаела за контролата врз дел од Западен Балкан вклучувајки ја и денешна Македонија. Низ сите големи војни од Балканските преку Првата и Втората светска војна, за време на Студената војна, бугарската политика освен во краткиот преиод по 1945, одржувала непријателска политичка реторика кон Македонија.

За време на Студената војна Бугарија ја користеше позицијата на членка во советската орбита и членка на Варшавскиот договор, против „ревизионистичка Титова Југославија“ во чиј состав беше и Македонија. Воедно Сталин од 1948 постојано ги подгревал и територијалните претензии на Бугарија кон Македонија. Периодот на советското администрирање со Бугарија остави силни чуства кои се длабоко потиснати во интимата на секој Бугарин што живеел во таа епоха. Многу Бугари со завист и фрустрации го следеа и доживуваа „југословенскиот самоуправен експеримент“, супериорноста на нашите граѓани кои за неколку чифта фармерки си го исплаќаа летувањето на Црното море.

По завршетокот на Студената војна, и зачленувањето на Бугарија во НАТО- Алијансата и Европската Унија, во новиот меѓународен контекст, Бугарија покажа дека не поседува територијални претензии, но тоа не значи дека и е забрането исто како целиот западен и источен свет да се зафати со политиката на „меката моќ“. Во новиот демократски релјеф Бугарија одлично започна и со еден волтеровски дух ја надмина поранешната егократија кон западниот сосед. Софија прва ја призна Македонија под уставното име, во ликот на Жељу Желев добивме искрен пријател и космополит. Со развојот  на трговските и економските односи, особено за време на „грчката блокада“ и војните на тлото на „бивша СФРЈ“ како и со „пасошката политика“ кон граѓаните од нашата држава и соседството, беше создадена одлична основа за новата бугарска “мека моќ“.

На политички план не треба да се заборави улогата на премиерот Борисов кој со целата емпатија и конструктивност настојуваше што побргу да се реши спорот меѓу Скопје и Атина. Во овој период никој не ни помислуваше дека по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Заев и Борисов и особено по потпишувањето на Преспанскиот договор, дека Софија ќе се наметне како најсериозен опонент на почнувањето на преговорите со ЕУ.

Погрешното поимање на „меката моќ“

Не е јасно од кој момент отпочнаа бугарскиот агностицизам кон македонските европски соништа. Дали бугарското Правителство потпадна под дирекно влијнаие на меркеловото „не“ во Бундестагот кој „не успеал да го разгледа барањето на С.Македонија“ во јуни 2019 или под макроновото „не“ заради „новата методологија“ во октомври 2019, но набргу потоа не помина долго време откако екипата на Каракачанов се фати за „митските бугарски пароли и соништа“ од времето на Студената војна. Дали европјаните намерно сугерираа со одолговлекувањето на „македонското и албанското досие“ кое веќе доби и утопистички димензии, воопшто не е познато. Никој не може да оспори дека германското и француското „НЕ“ не ги мотивираа бугарските политичари да ја спуштат рампата за Албанија и С. Македонија. Непријатните дипломатски реторики, амбициите на дел од бугарската политичка и стручна елита врз македонскиот идентитет, култура, историја, не стивнуваат.

Набљудувано од вредностите на европските парадигми, тоа што го бара бугарскиот политички врв од Северна Македонија е надмината реторика, и нема никакви допирни точки со суштината на „меката сила“. Проблемот на Бугарија е што „меката сила“ ја сфаќа на погрешен начин. Од она што го испорачуваше бугарската политичка елита на чело со Радев, може да се анализира дека никој од бугарската страна не го оспорува местото на Северна Македонија во Европската Унија. Спорни се невозможните барања кои можат да се решат на елегантен начин. Меѓутоа филозофијата на „меката сила“ не лежи во уцените и „неконзистентните барања“ туку во мудроста и софистицираните алатки на убедување. Во спротивно кога „меката политика“ се имплементира преку уцени и сила таа неизбежно потсетува на политиката на „активни мерки“ на Путин. Се работи за остаток од Студената војна, во која Господарот од Кремљ настојува сопствените погледи на светот да ги наметне кон соседите, со уцени и со сила.

Постоеше надеж дека острите и заканувачки тонови кон Северна Македонија за време на изборната кампања биле само дел од оној добро познат фолклор кога политичките актери употребуваат широк спектар на политички слогани од „црна кампања“, fake news до екстремни ветувања и барања за некој глас повеќе. Меѓутоа и по изборите, бугарските ставови останаа не само на исто ниво туку и се продлабочија.

Од сегашната стратегија на Софија, може да се констатира дека бугарската „мека сила“ еволуира кон „груба сила“ на уцени, пред се благодарение на членството во Европската Унија. Останува дилемата дали Бугарија од позиција на членка на ЕУ и НАТО, сеуште ги перцепира Западен Балкан и Македонија низ призмата на надминатите односи од времето на Студената војна како кон поранешна Југославија?

Дали Бугарија која настојува да игра позначајна улога на Балканот, ги потцени „малите држави“? И конечно зошто Бугарија не ја проследи политиката на „меката моќ“ на една Србија која покажа голема емпатија кон соседството?

Нано Ружин, универзитетски професор