Денеска продолжува седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која се води амандманска расправа за предлог-буџет за 2018 година.
Останаа уште околу 100 аманмани за кои пратениците треба да расправаат.
Вчера, второто продолжение на седницата заврши околу 21 часот и беа разгледани околу 170 амандмани од вкупно 279, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ и од Беса.
На расправата, на која не учествуваа пратениците од опозицијата, беа прифатени шест амандмани, четири од ВМРО-ДПМНЕ и два од Беса, додека осум беа повлечени од пратениците на Беса, кои учествуваа во расправата.
Комисијата ги прифати амандманите што се однесуваат на субвенции за печки на пелети, ТИР-зоната во Куманово, изградба на колекторски систем во Неготино, решавање на проблемот со депонијата во Струга, изградба на детски парк во Нерези, Општина Карпош.
Претседавачот со Комисијата Васко Ковачевски вчера најави дека е можно расправата да заврши уште утре, односно многу побрзо од рокот што го предвидува Деловникот од 10 дена.