Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавната седница ги објави конечните резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули. Според конечните резултати, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 мандати, коалицијата „За обнова на Македонија“ на чело со ВМРО-ДПМНЕ освои 44 мандати, ДУИ – 15, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива (АА/А) – 12, „Левица“ – 2 и ДПА – 1 мандат.
Според конечните резултати кои денеска ги објави претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освоила 327.408 гласа, односно 35,89 отсто, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 315.344 гласови или 34,57 отсто.
Партијата ДУИ освоила 104.699 гласови или 11,48 отсто, коалиција АА/А освоила 80.000 гласови или 8 отсто, „Левица“ – 37.426 гласови или 4,1 отсто и ДПА – 13.930 гласови или 1.53 отсто.