Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски денеска го презентираше отчетот за она што општинската администрација го сработила во изминатите четири години. Тој рече дека оваа општина нема ниту еден денар долг, а обезбедени биле и пари за наредните четири години. Според него, Аеродром е најпосакуваната општина за живеење во цела Македонија.
„Општина Аеродром стана центар за спортските случувања, изградивме спортски сали и игралишта. Изградивме училишта и градинки за децата. Денес Аеродром е општина, која има 28м2 зеленило по глава на жител, изградени се голем број нови паркови и засадени се повеќе од 50.000 дрвца, кои долгорочно и тоа како ќе влијаат подобрување на животната средина. Кај нас во Општина Аеродром се трудиме меѓу децата воопшто да не постојат класни разлики, за тие да можат безгрижно да растат и да се образуваат“, рече Коневски.
Коневски рече дека во иднина планираат и мерки за долгорочно да се намали загадувањето во оваа општина. Меѓу овие мерки, тој најави садење на дрвја и зеленило, едукација на граѓаните и компаниите.