“Правичен и траен” нацрт предлог за климата беше презентиран денес во Париз на последниот ден на конференцијата КОП21 на која учествуваа 195 земји. Предлогот го претстави претседателот на конференцијата министерот за надворешни работи Лоран Фабиус и ги повика сите 195 земји да го усвојат овој “историски договор”.
“Речиси сме на крајот на патот и без сомение на почетокот на нов пат”, рече Фабиус. Тој рече дека предлог договорот е “правичен, траен, врамнотежен и со законски обврски” и “доколку биде усвоен, овој текст ќе биде историски пресврт”.
Преговорите за овој договор траеја десетина дена со цел да се донесе текст кој ќе и даде досега невиден елан за борбата против климатското затоплување. Делегациите од 195 земји преговараа ден и ноќ.
Текстот нема да биде ставен на гласање бидејќи за усвојување е потребен консензус во рамките на Повелбата за клима на Обединетите Нации.
И невладините организации како Грин Пис се согласуваат дека текстот може да биде пресврт кој фосилните енергенси ќе ги остави зад нас, “во лошиот дел на историјата”.
Договорот има за цел да го задржи климатското затоплување “под 2°” и повикува да се “продолжат напорите за ограничување на растот на температурите на 1.5°” во однос на прединдустриската ера. Целта е амбициозна затоа што пред париската конференција се очекуваше усвојување на ограничување на порастот на температурата од 2°. За 2° степени се бореа земјите кои се на удар на опасностите од климатските промени и кои пред се на наоѓаат на јужната хемисфера.
Потоа договорот предвидува помош за земјите во развој од 100 милијарди долари а по 202 година ќе се преговара за зголемување на оваа помош.
До последниот момент на конференцијата се судираа ставовите на земјите особено околу диференцијацијата. Што значи дека од развиените земји се очекува да направат повеќе напори поради нивната историска одговорност во затоплувањето на планетата и нивните високи емисии на гас. Оваа димензија најде свое место во предлог договорот.




