Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин изјави дека договорот на премиерот Борис Џонсон е „уште полош“ од оној на Тереза Меј, кој три пати беше одбиен од Парламентот.
– Овие предлози ризикуваат да предизвикаат трка до дното на правата и заштитите: ставање под ризик на безбедноста на храната, намалување на еколошките стандарди и правата на работниците и отворање на нашиот национален здравствен систем кон преземање од страна на американски приватни корпорации, изјави Корбин.
– Овој договор за распродажба нема да ја обедини земјата и треба да биде отфрлен. Најдобар начин да се реши Брегзит е на народот да му се даде последниот збор на јавно гласање, додаде лидерот на лабуристите.
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и британскиот премиер Џонсон претходно објавија дека е постигнат договор за излегување на Британија од Унијата.
Весникот „Вол стрит џорнал“ напиша дека, сепак, станува збор само за „груб нацрт“ од договорот за „разводот“ на Велика Британија од ЕУ, како и дека пред преговарачите има уште многу работа околу деталите за усогласување и минување на процедурите низ парламентите.




