Кинеските власти ги повикаа луѓето да не патуваат во Вухан и да не излегуваат од градот кој е жариште од каде што избувнувна вирусот во кој починаа девет лица, објави Би-Би-Си.
На луѓето што живеат во градот кој има околу 9 милиони луѓе им било препорачано да избегнуваат гужва и да ги минимизираат јавните собири.
Новиот вирус со голема брзина се прошири од Вухан во неколку кинески провинции, како и во САД, Тајланд и Јужна Кореја.
Досега се потврдени 440 случаи заразени со опасниот корона вирус.
„Не одете во Вухан. А оние жители на Вухан, ве молам не го напуштајте градот“, рече заменик-министерот за национална здравствена комисија Ли Бин, на еден од првите јавни брифинзи од почетокот на избувнувањето.
Кинеските власти признаа дека земјата сега е во „најкритична фаза“ на превенцијата и контролата, особено откога се потврди дека вирусот се пренесува од човек на човек.
Вирусот, познат и како 2019-nCoV, се третира како нов вид на корона вирус кој претходно не бил идентификуван кај луѓето.
Од вирусот Сарс во раните 2000-ти години починаа скоро 800 луѓе на глобално ниво, а тоа е исто така корона вирус.
Знаци на инфекција со новиот вирус вклучуваат респираторни симптоми, треска, кашлица и тешкотии во дишењето.
Првиот случај во САД беше потврден во вторникот. Претседателот Доналд Трамп изјави дека ситуацијата е „тотално под контрола“ и дека верува во информациите што ги даваат кинеските власти.
Новиот вид корона вирус, најверојатно се проширил преку нелегална трговија со животински свет, тврдат кинески научници.
Гао Фу, директор на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести и член на Кинеската академија на науките, изјави дека претпоставува оти вирусот се проширил од пазар во градот Вухан во централна Kина, каде што мутирал и почнал да се пренесува од човек на човек.
„Од досега достапните информации, изворот на вирусот е диво животно кое се продава на пазарите за морска храна“, изјави Гао.
„Вирусот од дивите животни постепено мутира“, објаснил тој.
Се верува дека корона вирусот го пренесуваат малите цицачи познати како цибетки, диво животно кое во Кина многумина го сметаат за деликатес.
Кинеските власти сепак досега не прецизираа на кое животно се сомневаат дека е преносител на новиот корона вирус, кој се шири од Вухан.






