Косово и Европската унија денес во Стразбург потпишаа Договор за стаблизација и асоцијација.
Од страната на ЕУ потпис стави Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан, додека од страна Косово потпис ставија премиерот Иса Мустафа и министерот за европска интеграција Беким Чолаку.
“Овој договор е отварање на нова фаза во односите. Тоа е значаен придонес за стабилноста и просперитетот на Косово и очекувам дека набрзо ќе влезе во сила”, изјави Могерини.
Комесарот Хан смета дека договорот ќе ги донесе посакуваните реформи и дека ќе создаде клима за трговија и инвестиции за да може Косово да добие траен економски раст и да отвори работни места.
Договорот беше преговаран помеѓу октомври 2013 година и мај 2014 година, а влегувањето во сила се очекува во првата половина на 2016 година.
Кога ќе стапи на сила, договорот ќе донесе нови права и обврски за Косово но бара и почитување на демократските принципи. Договорот ќе креира зона која ќе овозможи слободен пазар како и примена на европските стандарди, политички дијалог и соработка во повеќе области како енергијата, животната средина, образованието, правдата.
Како поддршка на неопходните реформи ЕУ се обврзува на помош од 645,5 милиони евра за Косово во периодот од 2014 година до 2020 година.
Косово прогласи независност во 2008 година. Државата е признаена од повеќе од 100 држави. Пет земји членки на ЕУ не го признаваат Косово како независна држава (Грција, Словачка, Кипар, Шпанија и Романија) но и покрај тоа тие го одобрија потпишувањето на договорот.




