Косово синоќа го усвои Законот за формирање Специјален суд за судење на поранешни припадници на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК) под сомневање дека извршиле злосторства. За Законот гласаа 82 од 120 пратеници во Парламентот.
Законот е усвоен по силен притисок од страна на Соединетите држави и Европската унија. Судот кој ќе има надлежност да суди и во врска со наводите за трговија со органи.
„Пронаоѓање на вистината за некои наводи за време и по војната е предизвик со кој мора да се соочиме“, изјави премиерот Иса Мустафа пред гласањето во парламентот.
Претседателката на Косово Атифете Јахјага ја поздрави одлуката на Собранието
Инаку, вчера во косовскиот Парламент се водеше расправа која на моменти беше жестока околу формирањето на овој Суд. Истовремено пред Парламентот протестираа стотина ветерани од војните кои со лутина го обвинуваа вицепремиерот и министер за надворешни работи Хашим Тачи од Демократската партија, која го поддржа Законот, за предавник на националната кауза.
Според опозицијата овој Закон и формирањето на Судот се убиство на демократијата. Рамуш Харадинај, претседател на Алијансата за иднината на Косово рече дека ова е срам за земјата, а оние што ќе гласаат во корист на Судот ќе треба до крајот на животот да живеат со тој срам.
Вашингтон и Брисел одамна го бараат овој Суд кој би отворил истраги против Тачи и другите команданти и војници на ОВК кои биле вовлечени во 400 случаи на киднапирање, нелегално затворање и убиства по бомбардирањето на НАТО на Србија во 1999 година.
Жртвите на наведените сомненија за злостори се пред се косовските Срби, Роми и други малцинства. Но помеѓу нив има и Албанци кои биле обвинети за соработка со Србите.
Според Политико, американски влијателен сајт кој од неодамна отвори свое дописништво во Брисел, истрагата има собрано многу докази кои покажуваат дека некои од убиствата се поврзани со продажба на органите на жрвите. Истрагата работи и понтаму за да собере доволно докази кои треба да ги изнесе во специјалниот суд.
EУ и САД се уверени дека овој специјален суд и неговата работа можат да бидат само од корист за граѓаните на Косово за да се открие вистината и за да може Косово да се ослободи од организираниот криминал и да ја заживее економијата, како што тоа косовските граѓани го посакуваат.
Овој суд би бил сместен на Косово и би работел според косовските закони. Но во судот би имало странски обвинители и судии а судењата би се одржувале вон Косово. Само така би можеле и судиите и обвинителите и сведоците да се заштитат од заплашувања и насилство.




