Најбројната коалиција на Косово ПАН не обезбеди потребно мнозинство за избор на претседател на Парламентот. Седницата е прекината, а претседавачот рече дека новото заседание дополнително ќе биде закажано.
Во косовскиот Парламент денеска беа присутни 94 пратеници, поради што Енвер Хоџај пратеник од ПАН рече дека немаат мнозинство, но имаат кандидат, поради што побара дополнително време за консултации.
На прашање на претседавачот, колку време им треба, Хоџај рече 10 дена до две недели.
На ова реагираше пратеникот од Самоопределување Албин Курти кој ја обвини најбројната коалиција дека ја замајува јавноста дека има поддршка, но одбива да се соочи со реалноста.
Тој им предложи да го истакнат својот кандидат Кадри Весели и на тој начин да си ја измерат силата.
-Доколку Весели нема поддршка, тогаш ПАН нека предложи друг кандидат, рече Курти.
Косовското Собрание брои 120 пратенички места. Од нив, 20 места се резервирани за малцинствата – 10 за Србите и 10 за останатите малцинства. Коалицијата ПАН освои 39 мандати, движењето Самоопределување 32, а коалицијата ЛАА (коалиција на Демократскиот сојуз на Косово на актуелниот премиер Иса Мустафа, Алијансата Ново Косово – АКР – на Беџет Пацоли и Алтернатива на Мимоза Кусари – Љиља) 29 мандати. Откако (досега) ниту една албанска коалиција ниту партија не сакаше да соработува со коалицијата ПАН, а не ѝ беа доволни ниту гласовите на малцинствата (со што од 120 би се стигнало само до 59 гласови), Весељи и Харадинај тргнаа во лов на поединци. По неколку рунди преговори, Харадинај успеа да ја убеди Теута Ругова, ќерката на поранешниот косовски претседател Ибрахим Ругова, да ја поддржи неговата кандидатура за премиер. Така во парламентот се создаде пат-позиција – 60:60 гласови.




