Премиерот Димитар Ковачевски ја посети фабриката „Текстил Солушн“, домашна инвестиција со над 30 години работно искуство.
„Оваа денешна посета беше добра прилика да поразговараме и со работниците и со работодавачите за постигнатиот договор за зголемување на минунмалната плата на 18.000 денари“, рече премиерот Димитар Ковачевски кој утрово ја посети фабриката „Текстил Солушн“.
„За голем дел од вработените во фабриката ’Текстил солушн’ зголемувањето на месечната нето плата од околу 45 евра месечно, ќе значи зголемување на домашниот буџет, а со тоа и зголемување на животниот стандард. Од друга страна за менаџментот на компанијата, е од особена важност фактот што државата ќе го субвенционира делот кој што е поврзан со придонеси со што се олеснува процесот за сите засегнати страни“, рече Ковачевски и додаде дека преку отврен дијалог со социјалните партнери успеале да договорат взаемно прифатливо решение и да утврдат методологија со која минималната плата континуирано ќе расте.
Според Ковачевски, клучно е што во разговорите било утврдено дека минималецот во иднина не ќе може да биде помал од 57% од просечната плата, што само по себе значи дека растот на минималната плата во иднина ќе расте бе интервенции.
„Владата на СДСМ и во иднина ќе продолжи да ја помага економијата и да создава услови за раст на платите. Се залагаме за унапредување на животниот стандард, а тоа го потврдуваат бројките за раст на просечната нето плата, зголемената социјална помош, детскиот додаток, образовниот додаток, стипендиите, како и редовното законско усогласување на пензиите“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ биле против Законот за минималната плата, а станале „За“ кога социјалните партнери постигнаа договор. На опозициската партија која најави амандманска интервенција на законот за усогласување на платите со минималната Ковачевски и порача првин да одговори дали биле „за“ минимална плата и дали го блокирале цела година во Собранието законот за трансформирање на работниот однос на 4 700 наставници.
„Ако некој беше против овој закон тоа беше ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ беше против Законот за минимална плата и кога се правеше минатото покачување, тие беа и сега против, но станаа „за“ вечерта кога постигнавме договор за покачување на минималната плата, а дел од нив и утрото затоа што ја преспале ноќта, бидејќи доцна беше прес-конференцијата“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите.
Покачувањето на платите кои не се дел од минималната плата, нагласи премиерот, е дел на колективно договарање. Тоа колективно договарање, појаснува, има свои партнери зависно од институцијата и зависно гранката во која се одвиваат.
„Во одредени сектори веќе имаме зголемување на платите. Тоа особено се направи во делот на здравството, во делот на негувателите, а исто имавме обид за зголемување на платите во наставниот кадар, поднесовме закон во Собранието за трансформирање на работниот однос на 4 700 наставници од определено на неопределено време при што беше дефинирано и платата да расте со коефициент поврзан со минималната плата“, рече Ковачевски.
Тој дополни дека ВМРО-ДПМНЕ една година го блокирале тој закон.
„Цела една година ВМРО-ДПМНЕ го блокираше тој закон. И после блокирање на тој закон цела една година, тие сега ќе поднесувале амандмани за усогласување на плати. Еве нека поднесат амандмани, но нека излезат пред работниците да кажат дали биле „за“ минимална плата и дали го блокирале законот за трансформација на наставниците при што ќе имаше усогласување на платите со минималната плата. Прво тоа да одговорат па потоа ќе зборуваме за амандманите кои ги даваат на Закон за кој беа против, а вечерта станаа ’за’“, нагласи Ковачевски.