Во земјата се зголемува бројот на заболени со коронавирусот, но вчера, исто така, беше регистриран и поголем број оздравени лица – 42. Од почетокот на епидемијата во Северна Македонија регистрирани се 908 дијагностицирани случаи со ковид-19 и 44 починати. Позитивни на тестовите за коронавирусот вчера беа нови 54 лица од кои најголем број, односно 25 во Куманово. Општинскиот кризен штаб од овој град побара Владата да донесе одлука за карантин со посебни мерки.
Владата на седница реши да му достави предлог на претседателот Стево Пендаровски во кој се оценува дека за успешно справување со коронавирусот потребна е вонредна состојба во државата. Пендаровски во изјава за медиумите најави можно продолжување на вонредната состојбата поради ковид-19 за уште 30 дена на утрешната седница на Советот за безбедност.
Шефот на државата Пендаровски смета дека ќе се прогласат нови 30 денови вонредна состојба, со оглед на состојбата до вчера. Сепак, одлука за тоа ќе се носи утре, на состанок на Советот за безбедност, кога изминуваат првите 30 денови од прогласувањето на вонредната состојба.
„Шансите се извесни и големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба бидејќи внатрешните состојби кои не ескалираат, но не се значително редуцирани и сè уште побаруваат ваков тип ангажман од сите надлежни институции и ваков тип на состојба. Првпат вонредна состојба прогласивме во 30 години независна држава меѓутоа првпат и во светот се случуваат некои работи поврзани со пандемија на вирусот. Така, ако ги имам тие информации што од надлежните институции, ако ме прашувате за одлука, таа ќе биде во насока на прогласување на нови 30 денови“, порача претседателот Пендаровски вчера од Тетово.
Овие денови се очекува пратка на нови респиратори
Во рамки на Министерството за здравство, согласно уредбата на Владата, завршена е постапката за набавка на респираторни машини. Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција информира дека од девет економски оператори, два ги задоволувале условите во однос на рокот и критериумите. Еден дел од респираторните машини ќе стигнат во следните седум дена, а другите, од вкупно 31, во текот на следните 30 дена.
„Со ова, значително ќе го дополниме капацитетот на респираторни машини во земјава, пред сè, во институциите кои се предвидени за лекување на овие пациенти со ковид-19 вирусот“, рече Филипче.
Меѓу регистрираните новозаболени од Ковид-19 и лаборант од Универзитетската клиника за Детски болести од Скопје. Филипче рече дека на заболениот лаборант му е земена епидемиолошка анкета, како и од дел од колегите со кои бил во непосреден контакт. Тој исто така нагласи дека лаборантот и другите вработени од Клиниката користеле целосна заштитна опрема според протоколот, но оти и покрај тоа на четворица вработени, негови колеги им е препорачана изолација.
„Случајот е изолиран, епидемиолозите прават анализа. На четворица од единаесет вработени им е препорачана изолација. За време на работата за време на извршување на работните задачи користена е целосна заштитна опрема според протоколот“, рече Филипче.
За информациите дека лаборантот е можеби заразен од дете кое починало во болницата, Министерството за здравство подоцна соопшти дека седумгодишното дете немало коронавирус. Нему му биле земени два бриса за тестирање за коронавирус, кога било хоспитализирано и кога починало.
„Двата теста биле негативни на ковид-19. Детето немало пневмонија, ниту симптоми за коронавирус“, соопшти Министерството за здравство.
Вкупниот број на заболени регистрирани здравствени работници до вчера изнесуваше 122. Седуммина се веќе оздравени и вратени назад на своите работни места. Филипче повтори дека има сосема доволно заштитна медицинска опрема и резерви.
„Има сосем доволно заштитни материјали, маски, мантили во сите јавно-здравствени установи, посебно во местата каде што се лечат пациентите, односно каде што е хоспиталниот третман“, рече министерот.
Тој информираше дека е стабилна состојбата со двете мали деца заболени со коронавирус, четиримесечното бебе и 2,5 годишното детенце.
Во Дебар и околината ќе се прави скрининг на пациентите со антитела, за што веќе е направен целосен распоред за активност преку матичните лекари во Дебар и околината на Дебар.
„Со оглед на тоа што таму е веќе фаза на епидемијата во која што немаме новодијагностицирани пациенти, сметаме дека ќе биде добар пример за тоа каква е состојбата на населението во смисла на евентуално стекнување на имунитет. И врз основа на тој репрезентативен примерок, епидемиолозите ќе прават соодветни анализи и план за понатаму“, потенцира Филипче.
Заврши и увидот од страна на тимот на Институтот за судска медицина во Велес во врска со двете починати лица. Таму се стигнати дополнителни информации што ќе бидат земени во предвид кога ќе се прави финалниот извештај, а по изготвувањето ќе бидат презентирани во јавноста во однос на времето на смртта, по наодот на позитивен брис на ковид-19.
Министерот Филипче најави дека на денепната седница на Владата ќе се дискутира и по барањето на родителите на деца со аутизам во однос на движењето во наредните денови, имајќи ја предвид нивната потреба да се движат во различни делови на денот поради тоа што тоа е чест дел и од нивната терапија.
За тоа дали има нови случаи на ковид-19 во затворот „Шутка“, Филипче рече дека од досегашните резултати од проверката на затворениците и лицата кои се во притвор, нема позитивни на вирусот.
Карантин за Куманово со посебни мерки бара општинскиот кризен штаб
По зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот во Куманово, тамошниот кризен штаб побара карантин со повеќе посебни мерки во времетраење од 14 дена. Само вчера имаше регистрирано 25 новозаболени од ковид-19 во овој град.
„Од Владата бараме издвојување на Општина Куманово и нејзината територија од рамката на општите мерки кои важат за целата територија со дополнителна 14 дневна и 24 часовна изолација која ќе важи од 17 април до 4 мај, се вели во соопштенито на штабот.
Под посебните мерки што треба да важат во овие услови се издавање дозволи за движење на лица кои се професионално ангажирани во институциите и стопанството, пунктови за контроли на влез и излез од градот, дезинфекција на возила, патници, епидемиолошки мерки за дезинфекција на зафатени подрачја, обезбедување транспорт на намирници, енергетски потреби за институциите, вклучени во дејствија против ковид 19.
Оттаму бараат од здравствените власти да им дадат приоритет на тестовите на здравствените работници од Куманово, навремено информирање, за, како што велат, да не се креира нереална епидемиолошка слика во општината. Од штабот апелираа до Црвениот крст, хуманитарните, невладините здруженија од Куманово да се координираат со штабот и да дистрибуираат дополнителна помош за граѓаните за време на карантин.
И покрај бројот на новозаболени, охрабрува фактот дека се повеќе лица се оздравени
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, според последните информации, починаа четири пациенти на возраст над 60 години, од кои двајца од Лабуништа, еден од Прилеп и еден од Куманово. Во болницата „8 Септември“ починаа две лица, пациент од Велес (67) и пациент од Куманово (59).
Потврдените 54 нови случаи на ковид-19 се од Скопје (13), Куманово (25), Штип (1), Прилеп (10), Тетово (1), Велес (2), Гостивар (1), Кичево (1).
Оздравени се 42 пациенти. Со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти – 12 од Дебар и 20 од Скопје кои се лекуваа во домашни услови.
„Оваа информација нè радува, мене и здравствените работници особено кога се справуваме со високоризична болест,“ рече министерот за здравство.
До вчера, 14 април, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во земјава беше 908. Според местото на живеење, во Скопје – 329, Куманово – 236, Дебар – 49, Штип – 28, Прилеп – 85, Тетово – 38, Струга – 43, Велес – 34, Битола – 9, Охрид – 4, Кавадарци – 3, Гостивар – 9, Гевглелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 3, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 22, Пробиштип – 2 и во Кичево – 1.
На Клиниката за Инфективни болести хоспитализирани се 57 пациенти од кои седум на механичка вентилација, а 14 на кислородна поддршка. Во болницата „8 Септември“ има 26 хоспитализирани болни од коронавирусот од кои шест на респиратор. Во битолската болница сместени се пет заболени лица кои се наоѓаат во добра состојба, а кај тројца се прават првите контролни тестови. Во болницата во Штип има осум хоспитализирани со ковид-19, а само еден е со среднотешка клиничка слика. Досега во земјава се направени направени 9.262 тестирања.