„За малку (ќе) се ракуваа“ е најчестиот израз кој медиумите од светот го користат по фотографијата на која се гледа дека актуелниот претседател на САД, Барак Обама и претседателот на Русија, Владимир Путин кратко разговарале на економскиот самит во Перу.
На фоторепортерите во главниот град Лима им било дозволено да фотографираат пред почетокот на самитот, а на фотографиите се гледа како Обама и Путин разговараат.
Се уште не е јасно за што точно двајцата претседатели на двете најмоќни земји разговарале, а ниту Белата куќа нема официјално соопштение засега околу темите.
Овој нивен краток разговор доаѓа по американските претседателски избори и победата на Доналд Трамп и по нестабилната ситуација во Сирија и борбата против ИСИС.
Администрацијата на Обама воведе неколку санкции за Русија по агресивноста на Москва во Украина, а неуспешно беше и убедувањето на САД, Путин да престане да му помага на претседателот на Сирија, Башар Ал-Асад, бидејќи во бомбардирањата на руските авиони гинат и стотици цивили.
Со Трамп, односите помеѓу Западниот и Источниот блок можеби ќе бидат поразлични, откако веднаш по изборите, Путин во телефонски разговор му честиташе на новоизбраниот претседател, порачувајќи му дека е подготвен да ги развијат односите, притоа договарајќи и средба што е можно поскоро.




