Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, денеска изјави дека САД ги повикуваат косовските Срби да се вратат во институциите на Косово, а Приштина без одлагање да почне да ги почитува своите обврски, вклучително и отворање на преговорите за формирање на Заедницата на српски општини.

Повлекувањето на Србите од косовските институции не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за натамошна ескалација на тензиите на теренот. Затоа, САД се приклучуваат на ЕУ во повикот кон Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат своите обврски за дијалог и да се вратат во косовските институции, вклучително и полицијата, судството и локалната администрација, се вели во соопштението на Хил до медиумите.

Тој изјави дека САД „истовремено се приклучуваат кон ЕУ во повикот на косовските власти да ги почитуваат своите обврски без одлагање“ и додаде дека „ова значи дека процесот за пререгистрација на возила треба веднаш да се продолжи и да е суспендираат какви било казнени мерки против сопствениците на КМ (српски) таблички, додека страните во рамките на дијалогот не го решат проблемот со регистарските таблички“.

Тоа значи и итен почеток на преговорите за формирање на Заедницата на српските општини, што е законска обврска за Косово. Континуираното неисполнување на оваа обврска од страна на Косово го поткопува принципот на владеење на правото и го нарушува угледот и кредибилитетот на Косово. додаде Хил.

Американскиот амбасадор, исто така, нагласи дека САД се согласуваат со Европската унија дека неодамнешните настани во односите меѓу Косово и Србија „го доведуваат во опасност важниот напредок постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ“.

Ги повикуваме страните да го изберат патот на дијалогот и да се воздржат од акции кои би довеле до насилство и конфронтација. САД целосно ги поддржуваат напорите на ЕУ да продолжи да посредува во преговорите. Двете страни треба да покажат дека се подготвени да бараат решенија на конструктивен начин и почитување на обврските преземени во дијалогот, додаде Хил.