Трите ексклузивни стана од вкупна површина од околу 750 квадратни метри во објектот „Панорама резиденс“, за кои во предметот „Плацеви на Водно“ бизнисменот Јордан Камчев рече дека се чуваат за експремиерот Никола Груевски, од денеска се замрзнати.
Обвинителката Лиле Стефанова, на денешното судско рочиште, го достави предлогот тие да се замрзнат, а судот одлучи да прифати. Овие станови се во сопственост на фирмата „СС инвестмент“, чиј сопственик е Мето Стојчевски, сопруг на сестрата на Орце Камчев, и за нив Камчев во својот исказ кажа дека биле дадени како замена за атрактивните парцели на Водно кои се предмет на обвинение.
Покрај одлуката за замрзнување, на денешното рочиште судот одлучи и да не ги прифат „бомбите“ кои изминативе денови се појавија на јутјуб-каналот „The truth above all“, а во кои се слушаат разговори меѓу Камчев и Груевски. Тие како доказ во судот беа предложени од адвокатот по службена должност на бившиот премиер.
Барајќи да се слушнат како докази, тој рече дека ова се законски набавени снимки и посочи дека разговорот е сниман со приватен мобилен телефон. Наспроти него, пак, обвинителката Лиле Стефанова беше на став дека снимките не се докази, односно дека Груевски без да му каже на соговорникот го снимал, па поради тоа тие се незаконски. Според неа, во тие разговори и нема јавен интерес, освен интересот на бившиот премиер и тој, како што кажа, ги имал уште во февруари и не ги приложил како доказ.
Појавата на аудиоснимките следуваше откако Камчев, кој заедно со Груевски е обвинет во случајот, при давањето исказ пред десет дена рече дека експремиерот, преку неговата сестра Кристина Камчева, им понудил да го купат земјиштето, а тие одлучиле да ја прифатат понудата, меѓу другото, и да не се замерат со Груевски и да не им се одмазди.