Кинескиот претседател Кси Џинпинг при посетата на Рим порача дека амбициозниот национален проект “Еден појас, еден пат“, познат како „Новиот пат на свилата“, нема да претставува еднонасочна улица.
„Кинеската држава сака двонасочна трговија и двонасочен тек на инвестиции“, изјави Си по средбата со неговиот италијански колега, Серџо Матарела.
Шефот на италијанската држава, од своја страна, порача дека придонесот на Италија кон „Новиот пат на свилата“ е од решавачко значење, истакнувајќи ја притоа неопходноста од двострана соработка во духот на лојалната конкуренција, почитување на интелектуалната сопственост и борбата против фалсификувани стоки.
За денеска е предвидено потпишување на италијанско-кинески Меморандум на соработка, со што Италија ќе стане прва членка од групата Г7 што се вклучува во проектот на „Новиот пат на свилата“.
Кинескиот проект „Нов пат на свилата“ беше тема и на вчерашниот Самит на Европската Унија (ЕУ) пришто нејзините лидери усвоија нова стратегија за односите со Кина во која земјата се идентификува како „партнер“, но и како „ривал и конкурент“.
Европската Унија смета дека односите со Кина се „асиметрични“ и дека во вакви услови не постои можност за градење на стабилно партнерство, бидејќи кинескиот пазар останува премногу затворен и под контрола на државата, што креира длабока нерамнотежа во трговските односи и нефер услови на конкурентност.
Против кинескиот проект се и САД, а минатата недела претставникот на Белата куќа, Гарет Маркиз оцени дека Италија нема потреба од приклучување кон оваа иницијатива.
Од Италија, Си ќе отпатува за Монако, а потоа и за Франција каде ќе има средби со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцелара Ангела Меркел и со првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.




