Претставници на централната и на локалната власт вршат притисоци со законски механизми, врз дел од компаниите, во зависност од која партија доаѓаат.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи во интервју за Радио Слободна Европа, објаснува дека владата декларативно се нуди како партнер, но тоа е еднонасочно партнерство, односно само тогаш кога треба да се земе нешто од нив.
„И сега ако некој прејудицира дека ти си припадник на една или на друга политичка опција, тогаш него ќе го третираат поинаку или ќе го „рекетираат”. Ние и имаме еден соодветен збор за тоа „рекет“, нешто што морам да ти го дадам јас на тебе ако сакам да придобијам некоја работа за која сум способен и која навистина само јас можам најквалитетно да ја работам. Ние не се соочуваме само со притисоци од централната власт, туку и од локалната власт, на некој начин си го јадеме стапот од сите страни“, вели Кучи.
Кучи констатира дека во предизборието, тој не очекува раздвижување на економијата, туку ново задолжување на политичарите кај компаниите, нешто што е веќе видено сценарио.