Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба денеска имаше обраќање пред Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН) од каде повика на „брзи, конкретни и решителни“ потези за украинската криза.
Кулеба кажа дека „се наоѓаме во критичен момент од светската историја и дека денешните акции на светот ќе го дефинираат тоа што следува во следните децении“.
Не смееме да ги повторуваме грешките што нè доведоа до светските војни. Обвинувањето на Русија дека Украина ја ескалира ситуацијата е апсурдно, рече Кулеба, апелирајќи до земјите да не ги повторуваат грешките од минатото.
Тој додаде дека „изјавите на Русија се нечуени и ужасни и ги надминуваат заканите за Украина“, алудирајќи на говорот на Путин во кој истакна дека „Украина нема право да постои“.
„Секој што мисли дека претерувам треба само да го погледне овој ужасен говор на Путин“, рече украинскиот министер за надворешни работи.




