Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска му рекол на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон дека „агресивната реторика на Вашингтон“ ги зајакнала тензиите на Корејскиот Полуостров и дека е неприфатлива, соопшти Министерството за надворешни работи во Москва.
Лавров овој став на Тилерсон му го пренел во телефонски разговор. Тие исто така разговарале и за наредните чекори со цел решавање на кризата во Сирија и ситуацијата во Украина.
Кремљ претходно денеска соопшти дека Русија е подготвена да посредува меѓу Северна Кореја и САД во разговорите кои имаат за цел намалување на затегнатоста, доколку двете страни се сложат Москва да ја преземе таа улога.
– Русија е подготвена доколку на двете страни тоа им е потребно и доколку го сакаат тоа. Невозможно е да се стане посредник меѓу две страни ако само едната страна тоа го бара, така што овде е потребна волја од двете страни. Со оглед на тоа што Пјонгјанг и Вашингтон учествуваат во расправачка реторика, подготвеноста на Русија е очигледна за да трасира пат кон деескалација и напнатост, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација Николај Патрушев претходно изјави дека Вашингтон, кога ја разгледува можноста за судир на Корејскиот Полуостров, треба да земе предвид дека при воени интервенција таму би настрадале десетици илјади Американци, бијдеќи само во Јужна Кореја живеат 250.000 граѓани на САД.
– Таквите загуби се нарекуваат неприфатливи во воениот речник на сите земји, нагласи Патрушев, додавајќи дека позициите на севернокорејските ракетни системи, топовите и лансерите за ракети се лоцирани на одалеченост од 50 километри од Сеул.




