Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров призна дека крајната цел на Москва е уривање на владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во разговор со претставници на земјите на Самитот на Арапската лига што се одржува во Каиро, Лавров рекол дека Москва е одлучна „да им помогне на Украинците да се ослободат од товарот на овој апсолутно неприфатлив режим“.

Лавров го обвини Киев и западните сојузници за „ширење на пропаганда чија цел е да се осигура дека Украина ќе биде вечен непријател на Русија“, објави АП.

„Рускиот и украинскиот народ ќе продолжат да живеат заедно. Сигурно ќе му помогнеме на украинскиот народ да се ослободи од режимот кој е апсолутно антинароден и антиисториски“, додаде Лавров.

Изјавите на министерот за надворешни работи на Русија се контрастни со официјалните тези на Кремљ од почетокот на војната, кога официјални руски претставници постојано нагласуваа дека целта на инвазијата не е уривање на украинската влада.