Ребалансот на буџетот веќе е изгласан. Кога добивме најава за кратење на буџетот за филмската продукција за 33 проценти, веднаш реагиравме до Владата и до кабинетот на премиерот. Сега имам и официјална информација дека кратењето на буџетот ќе биде за 17-18 проценти, посочи директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски.

Тој на денешната прес-конференција информираше дека најпрвин во буџетот биле предвидени 170 милиони денари, а со првичното кратење требало да биде 110 милиони. Сега во моментот, како што рече, имаат 142 милиони денари.

„Кога добивме најава за кратење на буџетот за филмска продукција за 33 отсто, заедно со Друштвото на филмски работници реагиравме до Владата. Јас се заблагодарувам и на министерката за култура и премиерот од причина што од првично најавените 33 проценти кратење на буџетот на македонски филм, од вчера имам официјална информација дека ќе биде за 17-18 проценти“, рече Лазаревски.

Тој додаде дека сите филмови кои се најавени за ова година, ќе бидат реализирани. Посочи оти идејата е во иднина да има стандардизација на буџетот за филмска продукција.

„Филмот е една комплексна организација. За да дојде една екипа во нашата држава да снима, треба да се потрошат десетици илјади евра само за транспорт, но и за сместување. Ако тоа не можеме да го финансираме, не само што ќе пропадне проектот, туку ќе пропаднат сите наши напори, инвестиции и средства кои сме ги одвоиле од буџетот“, додаде директорот на Агенцијата за филм.