Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров денеска објави дека ја завршува професионалната кариера како играч. Одлуката ја образложи преку својот Фејсбук профил за која наведе дека била „тешка, но, сепак, очекувана“.

„Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но, сепак, очекувана. Тешка, затоа што го работев тоа што го сакам од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е нималку лесно да играш на високо ниво во клуб со големи амбиции и очекувања, и во лига чија национална репрезентација веќе две децении доминира во светот на ракометот“, наведе Лазаров.

Селекторот на македонската ракометна репрезентација бил свесен дека ја игра последната сезона, но не сакал да ја сподели таквата одлука многу порано.

„Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата моја кариера. Кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници. Заминувам со гордо крената глава, играјќи за клубови-институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Клубови, градови и земји каде останував минимум пет години, што ја покажува меѓусебно стекнатата доверба со луѓето со кои соработував. Довербата се стекнува со многу труд, посветеност, константност. Тоа ме прави посебно горд што не затворив врата во тие спортски институции. Почнувајќи од мојот матичен клуб, Овче Поле, преку Борец и Пелистер, полека, со правилни одлуки и цврсто на земја, без никакви илузии, зачекорив со Европа“, наведува Лазаров во постот на Фејсбук.

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња посочува дека во кариерата освоил многу титули, се соочил со многу успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази и ситуации од кој некогаш не се гледал излез, но, како што вели, „со многу верба, посветеност и чесност успевав да застанам на нозе и да продолжам натаму“.

„Посебно ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав, време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација. Дваесет и пет години и 13 големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат, играјќи дури и во петтата деценија од животот за својата земја, ми дава за право секого да погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување“, нагласува Лазаров.

Тој упати јавна благодарност до семејството за поддршката во сиот период во кариерата, до блиските луѓе за кои вели дека „не се многубројни, но не се ниту малубројни, до фановите.

„Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко довидување од ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, тагуваме и надградуваме, поместувајќи нови граници. Моето мото кое пак ќе ме води ќе биде – Секогаш на победа“, истакна Кирил Лазаров.

Македонскиот ракометар во текот на својата богата кариера освои 56 трофеи од кои 18 шампионски во четири различни држави.

Лазаров е актуелен селектор на македонската репрезентација.