Хуманитарната организација „Лекари без граници“ остро ја осуди изјавата на авганистанската влада по повод нападот на коалициските сили, предводени од САД, врз болницата во градот Кундуз, во кој загинаа 22 луѓе.
– Оправдувањето на еден ваков напад е одвратна работа, се вели во соопштението на Лекари без граници.
Во нападот извршен за време на викендот врз локалната болница, беа убиени 12 луѓе, членови на персоналот на Лекари без граници, како и десетмина пациенти.
Авганистанското Министерство за одбрана соопшти дека „вооружени терористи“ ја користеле болницата како упориште, од каде вршеле напади врз позициите на авганистанската армија и врз цивилите во градот.
Хуманитарната организација за нападот ги обвини само силите на НАТО, тврдејќи дека „САД и авганистанските власти одлучиле да се бомбардира болницата верувајќи дека во неа има талибаци“.
Американскиот Пентагон од своја страна соопшти дека започнал „темелна и сеопфатна истрага“ за овој инцидент.
Авгнистанските сили, поддржани од меѓународната коалиција се ангажирани во борбата против талибанците, кои на почетокот од минатата недела го зазедоа градот Кундуз во истоимената провинција на северот од земјата.




