Кандидатката на Демократската партија за претседател на САД Хилари Клинтон, која се опоравува од воспаление на белите дробови денеска продолжува со кампањата, еден ден откако лекарите објавија извештај со заклучок дека е здрава и може да ја извршува претседателската функција.
– Се чувствувам добро и се подобро ми е, изјави Клинтон пред два дена, откако на комеморацијата на годишнината од нападите на 11 септември во Њујорк и се слоши, што предизвика шпекулации во јавноста за нејзиното здравје.
Таа во меѓувреме го откажа собирот во Калифорнија, а медиумите шпекулираа дека нејзиното здравје би можело да биде одлучувачки фактор во прилог на нејзиниот ривал од Републикаците Доналд Трамп кој со месеци тврди дека таа не е физички подобна да биде претседателка на САД.
Според лекарите Клинтон се опоравува од благо и незаразно воспаление на белите дробови кое и е дијагностицирано откако во неделата и се слоши на комеморацијата во Њујорк.
68- годишната поранешна државна секретарка „и натаму е здрава и подобна да биде претседател на САД“, напиша нејзината лична лекарка Лиза Бардак во деталниот преглед на нови информации на две страници за здравствената состојба на Клинтон.
Таа во прилог ги објави и лабораториските анализи кои покажуваат нормални вредности на холестерол, триглицериди и други параметри.
Притоа се наведува дека крвниот притисок на Клинтон е релативно стабилен, а за опоравување користи антибиотици.




