Лекарите во Ломбардија, италијанскиот регион најпогоден од пандемијата на коронавирус, ги критикуваа локалните власти за управување со кризата и предупредуваат дека грешките што ги направиле треба да послужат како пример за сите, пренесува Ројтерс.
Повеќе од 16.500 луѓе починаа од коронавирус во Италија, што е најмногу во светот. Дури 55 проценти од смртните случаи се во Ломбардија, каде се забележани 39 проценти или 132.547 заразени.
Исклучително големиот број смртни случаи во Ломбардија, најбогатиот дел од Италија, предизвика голем број прашања, при што локалните власти наведуваат дека густата населеност и постарата популација можеби играле важна улога во тоа.
Во писмото објавено од водечките лекари, вклучително и 11 провинциски здравствени службеници во Ломбардија, се наведува дека неуспехот во локалниот здравствен систем довел до најголема вонредна состојба со која се соочи Италија по Втората светска војна.
Меѓу тие неуспеси, лекарите наведоа недостаток на заштитна опрема за медицинскиот персонал.
„Ова доведе до смрт на многу наши колеги, болест на многумина од нив и ненамерно ширење на инфекцијата, особено во раните денови на епидемијата“, се вели во писмото.
Лекарите, исто така, наведоа „недостаток на стратегија“ во справувањето со кризата, недостаток на валидни податоци и ограничено тестирање.
Во писмото, лекарите укажуваат на управувањето со старечки домови, каде стотици починале без тестирање. Само во Бергамо, починале 600 од 6.000 луѓе од овие установи.




