Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа
Додека цела држава чека да се формира парламентарно мнозинство кое би овозможило формирање на влада која би донела некои промени во однос на владеењето на правото во оваа држава во која граѓаните цело време чекаат нешто или чекаат некого да дојде (како што сега го чекаме комесарот Хан, на пример), студентите имаа можност да размислат малку подлабоко околу корупцијата и начинот на кој се војува против истата. Во понеделник, заедно со студентите на факултетот во кој работам, имавме чест да слушаме прекрасно предавање од гостин од САД со долгогодишно искуство како Федерален обвинител, кој во своето предавање говореше за големото значење на независноста на судството и на обвинителството во борбата против корупцијата.
Овој настан ме потсети на низа други слични настани во кои пред нашите студенти говореле Федерални судии и обвинители со долго и извонредно искуство во гонењето на криминалот кои со нас ги споделуваа предизвиците низ кои поминале во таа тешка, макотрпна но не и невозможна работа. Истите судии и обвинители често присуствувале и во разни обуки организирани за овдешните судии и обвинители со цел да им помогнат во имплементацијата на новиот Закон за кривината постапка. Сево ова се овозможува преку помошта што САД ја дава а Амбасадата на САД во Скопје ја имплементира во рамки на напорите за реформите во правосудството во нашата држава. Имено, се работи за директна помош и голема поддршка која на нашите институции, како правосудни така и образовни, оваа држава преку нејзината Амбасада и ја дава веќе долги години, инвестирајќи пари од нивните даночни обврзници со цел да ни помогне да стигнеме до функционален правосуден систем. И што добива за возврат? Наместо отворена и искрена благодарност, тие добиваат, погрдни зборови на недоверба, секакви навреди како и секојдневни закани кои кулминираа со некролозите на странските амбасадори кои се појавија за време на декемвриските протести пред ДИК, а во кои токму сликата на амбасадорот на САД беше најголемата. Претпоставувам дека тоа се должеше на пропорцијата на помошта што оваа држава ја инвестирала во нашиот правен и образовен систем но и во многу други области. Со таа помош која пак ќе истакнам, доаѓа директно од парите на даночните обврзници на САД, не само што нашите судии и обвинители биле обучени како во земјата така и во бројните студиски патувања во странство, туку и се граделе или реновирале универзитети, училишта и други важни инфраструктурни објекти во оваа држава, за кои очигледно немало доволно државни пари да се градат бидејќи истите биле инвестирани во бронзени лавови, фонтани и бесцелно големи споменици на безимени воини. И сето тоа не се смета за мешање во внатрешните работи на земјата, па дури од нашите надлежни државни органи се промовира како успех во реформите. Меѓутоа, кога истите субјекти се трудат да ни помогнат да излеземе од кризата во која сме заглавени веќе неколку години, државните институции и владејачките политички структури им се нафрлуваат со секакви обвинувања за мешање во внатрешните работи и за други конспирации. Интересни аршини на оценување на надворешните влијанија, нема што!
Сепак, да се вратам на темата за која студентите имаа можност да слушнат интересно предавање од Федералниот обвинител кој целата своја кариера ја имаше посветено на гонењето на корупцијата во својата земја. Имено, работата на обвинителот, како што веќе сите знаеме е многу важна. Обвинителството е државен орган кој се плаќа од парите на граѓаните, а кој за своја главна цел го има гонењето на криминалот. Тоа значи дека оваа институција е клучна за владеењето на правото во една земја. За да владее правото, мора кривично да се гонат тие што го прекршуваат. Но тоа не е доволно. Владеењето на правото станува невозможно ако истото не функционира според еднакви стандарди. Многу е важно секој кој сторил кривично дело да одговара за истото, без разлика на неговата етничка припадност, боја на кожа, пол итн. Но уште поважно е секој, без разлика на својата функција и својот статус, да одговара кривично за сторени кривични дела. Тука лежи суштината на гонењето на корупцијата, во подготвеноста на државните институции кривично да ги гонат “важните лица”, високите државни функционери, кога постојат докази дека истите биле инволвирани во противзаконски дејствија.
Многу е лесно да се мери успехот на работата на институциите кои ја гонат корупцијата во една држава. Тие треба да одговорат на две основни прашања. Првото е: Колку високи функционери биле ставени во затвор кога имало докази дека ја злоупотребиле својата функција? Второто прашање е: Колку такви функционери биле на владејачката а колку на опозициската партија?
Во нашата држава одговорите на овие две прашања не даваат многу надеж и не влеваат верба во институцијата Јавно обвинителство која никогаш не се случило да гони државен функционер за време кога е на власт за било каква злоупотреба на својата должност. Се случило и се случува да има гонење на политички опоненти, но никогаш на лица кои во моментот на нивното гонење биле на власт. Тоа може да значи две работи: или нашите функционери се од небо паднати ангели кои никако и никогаш не сториле кривични дела вредни за гонење, или пак институцијата која нив ги гони не е независна од нив. Ако се има предвид дека СЈО беше формирано токму заради основаните сомневања во врска со независноста на јавното обвинителство, како и ако се има предвид дека во последниот извештај на ЕК нашата држава беше карактеризирана како “киднапирана држава” во која државните институции се “фатени” од страна на владејачката политичка партија, тогаш можеме повторно уште еднаш да се увериме каде стоиме во борбата против корупцијата.
И зошто е важен Никсон во целава работа? Важен е бидејќи се работи за случај во кој претседател на САД, кога се подготвувал да учествува во избори за втор претседателски мандат (кој впрочем и го добил со победа на тие избори), бил затечен во скандалот наречен Вотергејт во кој се дознало дека тој всушност нелегално ги прислушувал своите политички опоненти но и други лица. Бидејќи се сметало дека државниот обвинител (кој во системот на САД е избран од страна на претседателот) не би можел да биде независен во гонењето на таквото дело, Арчибалд Кокс бил поставен за Специјален јавен обвинител за овој случај и во својата истрага стигнал до претседателот Никсон, кој одбивал да му ги предаде прислушуваните материјали и одрекувал дека има сторено такво дело. До тука сé е многу слично на нашиот случај. Имаме скандал поврзан со нелегално прислушување, имаме и Специјалното јавно обвинителство.
Разликата настапува во однесувањето на судот. Имено, во аферата Вотергејт, имаме три важни судски одлуки, во сите инстанции, од понизок до Врховен суд, кои го подржувале барањето на Кокс да ги добие нелегално прислушуваните материјали за да докаже дека претседателот лично е поврзан со скандалот. Значи судот, во седумдесеттите години, на најмоќниот политичар на земјата, кој штотуку добил втор мандат на избори, јасно и гласно му посочил: “Жалам, господине претседателе, меѓутоа, не сте во право”. Тоа судство истата независност ја докажува и денес кога повторно гледаме снимка како судијата одлучува во спротивност на барањето на претседателот за забрана за лица од одредени држави да влезат во државата бидејќи оценува дека тоа не е правно поткрепено со докази. Таквото независно судство ја прави разликата и во гонењето на корупцијата.
Во нашиот случај, за жал зборуваме за ситуација во која што судијата на претходна постапка не е во можност да издаде налог за претрес на дом на поранешен министер, а камо ли да му каже на некој моќник “Извинете, ама не сте во право”. Заради отсуството на таа важна и бесценета независност на судството, во која, повторно, нашите стратешки партнери, очигледно залудно инвестирале големи пари во обуки и во размена на искуство, имаме случаи во кои поранешната министерка за внатрешни работи излегува целата насмеана од просториите на СЈО и бесрамно тврди дека таа институција е партизирана, политизирана и некредибилна, само заради фактот што се дрзнала да ја истражува нејзината улога во времето кога била на чело на МВРО-ВМРО. Само човек кој е целосно убеден во потполната зависност на судството од партијата на која таа самата припаѓа, само човек кој има стопроцентна верба во судиите што самата ги поставила од своето тефтерче може да излезе со таква дрска и бескрупулозна изјава за работи кои сите ги слушнале со свои уши. Само во таков систем на потполна зависност на судството, обвинетите партиски челници може да се закануваат со немири ако не успеат да формираат влада со единствена цел да продолжат со нивниот досегашен начин на владеење. Бидејќи во местата во кои независноста на судството функционира, таквите лица завршуваат како Никсон, кој иако успеа некако да го разреши специјалниот обвинител Кокс, не успеа да му побегне на одговорноста, и соочен со реалната можност за импичмент, тој самиот си дал оставка а неговиот случај и ден денес се памти во историјата и останува пример за функционирањето на тој важен “checks and balances” систем без кој демократијата и владеењето на правото стануваат едноставно невозможни.