Најмалку 21 лице загина, а 27 се повредени во судирите во близина на Триполи, како резултат на офанзивата на бунтовниците кон главниот град, соопшти синоќа меѓународно признатата Влада на Либија.
Обединетите Нации претходно ги повикаа двете завојувани страни на двочасовен прекин на огнот за да се евакуираат жртвите и цивилите, но и покрај тоа судирите продолжија.
Силите под команда на Владата во Триполи, која ја признаваат ОН, објавија дека почнуваат операција „Вулкан на гневот“ за одбрана на главниот град. Други детали не се соопштени.
Лидерот на меѓународно непризнаената администрација и Либиската национална армија (ЛНА), Калифа Хафтар соопшти дека во судирите биле убиени 14 војници на ЛНА.
Според очевидци, силите на ЛНА извршиле воздушни напади врз јужниот дел на Триполи и напредуваат кон центарот на градот.
Хафтар во четвртокот објави дека почнува офанзива врз Триполи, што доведе до обновување на судирите во Либија.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео во соопштение нагласи дека е „длабоко загрижен поради борбите во близина на Триполи“ и повика на разговори меѓу завојуваните страни за прекин на судирите.
Според Помпео, САД се противат на офанзивата на силите на Хафтар и бараат неговите сили под итно да ги прекинат воените операции кај Триполи.
Западните земји почнаа да го евакуираат својот персонал од Либија.




