Европската унија е шокирана и жали за терористичките напади во Париз. Тоа е напад врз сите нас, ќе се соочиме со заканата заедно, со сите неопходни мерки и со непоколеблива одлучност, се вели во заедничката реакција на шефовите на влади и претседатели на земјите од Унијата.
– Франција е голема и силна нација. Нејзините вредности на слобода, еднаквост и братство ја инспирираа и се уште ја инспирираат Европската унија. Денеска сме обединети со францускиот народ и Владата на Франција, се вели во соопштението.
Како што велат тие во заедничката изјава, овој срамен чин на тероризам само ќе го поситнге обратното од целта за поделби, страв и омраза.
– Доброто е посилно од злото. Се што може да се направи на европско ниво за Франција да биде безбедна, ќе се направи. Ќе направиме се што треба за да се порази екстремизмот, тероризмот и омразата, се вели понатаму во соопштението.
Шефовите на владите и претседателите апелираат сите Европејци во понеделник (16.11.2015) попладне, да се приклучат во едноминутниот молк во чест на жртвите од нападите.




