Унгарија ја понижи Англија на стадионот „Молино“ во Вулверхемптон со 4:0, а Германија ја декласира Италија во Менхенгладбах со 5:2 во последниот термин од јунската репрезентативна акција во фудбалската Лига на нации.

Изненадување на вечерта приредија Унгарците кои за првпат славеа против англиската репрезентација на Островот по 1953 година. Големиот триумф го најави Роланд Салај во 16-та минута, а потопот на Англичаните беше комплетиран во последните 20-тина минути од натпреварот.

Салај беше стрелец и на вториот погодок во 70-та минута, десет минути по него погоди и Наѓ, додека конечните 4:0 ги постави Даниел Гасдаг во самиот финиш.

Англија го одигра четвртиот меч без победа во фудбалската Лига на нации на УЕФА и го доживеа вториот пораз од Унгарија за само 12 дена.

Германија, пак, на домашен терен ја „истресе“ сета фрустрација од трите реми во низа и славеше над актуелниот европски првак Италија со 5:2.

Голеадата на „Борусија парк“ ја отвори Џошуа Кимих во 10-та минута, а до паузата погоди и Илкај Гундоган во есктра времето на првиот дел.

Шоуто во Менхенгладбах го продолжи Томас Милер со погодокот во 51-та минута на кого се надоврза Тимо Вернер со головите во 68-та, односно 69-та минута за убедливи 5:0.

Се што „Азурите“ успеаја да сторат до крајот беше ублажување на дебаклот преку Вилфрид Гнонто во 78-та минута и Бастони во четвртата минута од судиското продолжение.

Лига на нации – Дивизија А

Група 3

Англија – Унгарија 0:4

Германија – Италија 5:2

Табела: Унгарија 7, Германија 6, Италија 5, Англија 2.

Група 4

Холандија – Велс 3:2

Полска – Белгија 0:1

Табела: Холандија 10, Белгија 7, Полска 4, Велс 1.