Жаклина Димовска, мајката на малата Тамара е шокирана откако на вчерашното рочиште не се појави обвинителката Наташа Гоџоска која од судот побарала да биде изземена од предметот, а судењето беше одложено.
„Ова е шок за мене, на половина судење се повлекува обвинителката. По втор пат ми го погребаа детето“, вели за НОВА, Жаклина Димовска мајка на Тамара.
И адвокатката Трендафилка Сандева која го застапува случајот не знае зошто се повлекла обвинителката која го застапуваше обвинението против членовите на лекарските комисии и екс директори на Фондот за смртта на малата Тамара.
„Не ја знаеме причината зошто обвинителката побарала да биде изземена од случајот. Ќе чекаме на ЈО да видиме за што се работи и колку време ќе им треба за да назаначат нов обвинител. Следното рочиште е закажано за 30 октомври“, изјави за НОВА адвокатката Сандева.
Хелсиншки комитет: Развлекувањето на случајот Тамара создава сомнеж за несовесно водење на постапката
Реагираат и од Хелсиншки комитет за човекови права. Од таму сметаат дека развлекувањето на случајот Тамара создава сомнеж за несовесно водење на постапката.
„По вчерашното повторно одложување на рочиштето, овој пат поради поднесено барање за изземање на јавната обвинителка, како и поради неговото целокупно развлекување, се јавува сомнеж за несовесно водење на постапката која досега требаше да биде завршена. Затоа, го повикуваме Основното јавно обвинителство да ги образложи причините за изземање на обвинителката, за што Хелсиншкиот комитет ќе поднесе и официјално барање. Воедно напоменуваме дека правната сигурност може да се обезбеди само со утврдување на одговорност на сите чинители со цел задоволување на кривичната правда“, се вели во ракцијата.
Хелсиншкиот комитет, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 од Кривичниот законик.
„Од поднесувањето на кривичната пријава поминати се речиси 5 години, а предметот се уште не е завршен. До закажувањето на првото рочиште, Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати реагираше до Основното јавно обвинителство за долгото водење на предистражната постапка. Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година. Од тогаш закажани се 19 рочишта, од кои дури 8 се одложени поради различни причини. Дополнително одолговлекување во текот на постапката настапи и поради пречекорување на рокот од 90 дена помеѓу одржување на две рочишта, во кој случај, согласно закон, главната расправа мора одново да почне и сите докази мора повторно да се изведат“, велат од Хелсиншки комитет.
Правни експерти: Случајот Тамара треба да поука за државата како да го коригира системот
Вчера од Обвинителството за НОВА изјавија дека обвинителката се повлекла од приватни причини, но не наведоа за што станува збор. Во официјалниот одговор на нашите прашања рекоа дека „настапиле нови околности“.
„Поради нови околности кои настапија во периодот од претходната до денешната главна расправа, јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека постои законска пречка за понатамошно постапување во предметот.
Од тие причини е доставено барањето за изземање.
По прифаќање на барањето за изземање, ќе биде назначен друг јавен обвинител од ОЈО Скопје, а постапката ќе продолжи натаму со вообичаен тек“ пишува во одговорот од Јавното Обвинителство.
Обвинението беше поднесено во мај минатата година и отогаш се одржаа само неколку рочишта, поради остсутво на дел од обвинетите. Обвинетите во текот на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Познавачите на правото велат дека се работи за кривично дело несовесно работење во службата( на комисиите), а на постапката се гледа како да се работи за лекарска грешка. Тие се сомневаат дека можеби заради тоа се развлекува целиот сусдки процес. На последното рочиште кога конечно сите биле присутни, обвинителката не се појавила и само телефонски го известила судијата Марин Станевски дека нема да го застапува обвинението.
Забелешките се дека има многу одлагања на рочиштатата и дека исказите на сведоците и распаравите траат многу долго.
Правните експерти сметаат дека случајот Тамара, треба да отвори ново поглавје во учебниците по право и да биде пример за државата како да го коригира системот.
Срцето на Тамара не го издржа притисокот на искривениот рбет-почина чекајќи на операција
За несовесно работење во службата обвинети се 12 лица – доктори и членови на првостепенета и второстепенета комисија кои го донеле и потврдиле негативното решение за лекување во странство на Тамара.
Обвинети се и двајцата тогашни директори на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗО. Тие се обвинети за несовесно работење во службата.
Деветгодишната Тамара Димовска почина на 9 февруари 2015 чекајќи операција на рбетот во странство. Таа имаше вродена маана, искривување на рбетниот столб кое не можеше да се оперира во државата. Операцијата чинеше 30 000 евра, но беше повеќе пати одлагна за на крај да се испостави дека се чакало да се отвори Спинален центар за таму да биде оперирана. Но, премногу долго се чекаше- срцето на девојчето не го издржа притисокот на искривениот рбет врз градниот кош.
Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, се наведува во обвинителниот акт, го донела првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска.
Комисијата, спротивно на Стручниот конзилиум на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а по истекот на законски предвидениот рок донела мислење дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија.