Американскиот режисер Мајкл Мур смета дека е неопходен масовен бунт против изборниот систем во САД со кој претседателот се бира по пат на електорален колегиум.
-Ја немам моќта на американски сенатор, но сите мора да делуваат веднаш. Нема чекање до 20. јануари. Потребен е масовен бунт, востание против електоралниот колегиум. Мора да се бориме, тој (новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп) да не стапи на должноста на 20. јануари, рече Мур, пренесува Ен 1.
Мур исто така додаде дека Трамп е нелегитимен претседател и дека го нема гласот на народот.
Изборниот систем во САД е таков што претседателот на САД не се бира со гласовите на избирачите туку со освојување на најмалку 270 од вкупно 538 гласови на електорите, односно членови на Електоралниот колегиум. Секоја од 50 те сојузни држави и округот Колумбија, има одреден број електори во согласност со бројот на претставници што ги има секоја од овие држави во Конгресот. Калифорнија има најмногу – 55, додека Аљаска и Монтана само по 3.
Поради системот според кој кандидатот кој ќе освои мнозинство гласови во една држава ги добива сите електорски гласови што ги имаа таа држава, може да се случи еден кандидат да освои повеќе електори иако за него во апсолутниот број, гласале помалку избирачи отколку за поразениот ривал на претседателските избори.




