Со одлука на научна комисија на француското Министерство за високо образование и истражување, Македонистиката е вклучена во француско-германскиот проект за мапирање ретки дисциплини во Франција и во Германија.

Иницијативата за вклучување на Македонистиката во овој значаен проект ја покрена проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро од Институтот за ориентални јазици и култури во Париз (ИНАЛКО), јави дописникот на МИА.

Една од мисијата на државата е да обезбеди развој и заштита на интелектуалното, научното и културното наследство, особено со поддршка на таканаречените ретки дисциплини, вклучувајќи го и бројот на наставници-истражувачи, истражувачи и студенти понекогаш се намалува, иако нивниот научен интерес останува. Тоа е, исто така, поддршка на дисциплини кои се појавуваат и на кои им е тешко да го најдат своето место во институционалниот пејзаж. Затоа е од суштинско значење да се подготви мапа на овие дисциплини кои претставуваат реален потенцијал за виталноста на науките и нивната динамика, посочуваат од француското Министерство.

Тие се однесуваат на сите дисциплински области: јазици, хумани и општествени науки, проучување на древните светови како што е папирологијата или дури и т.н. „тврди“ науки, како што е кристалографијата или новите области на науките за животот.

Се разликуваат три категории на ретки дисциплини: ретки дисциплини затоа што се појавуваат или се менуваат и рекомпонираат, дисциплини кои се инхерентно ретки и ретки дисциплини бидејќи нивниот број се намалува.

Македонистиката во рамките на овој проект, кој покрај Франција и Германија, треба да се прошири и на другите земји и отсега и официјално е препознаена како ретка дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување.

Професорката Пејоска-Бушро објаснува дека аплицирала на проектот затоа што од суштинско значење е македонските студии – Македонистиката да бидат препознаени како „дисциплина“ во време кога македонскиот идентитет (јазик, историја и култура) е загрозен поради негирањето на неговото постоење.

– Затоа, мојата прва цел беше признавањето на Македонистиката како посебна дисциплина. Ознаката „дисциплина“ овде го гарантира постоењето на научно ниво. Мојата втора цел беше да покажам дека интересот за Македонистиката е намален од ненаучни причини. „Ретка“ значи дека има настава, дипломи и истражување на оваа дисциплина, но тоа е ограничено во број на ученици, во број на истражувачи и на места на изучување, додава таа.

Во Франција, ИНАЛКО е единствената високообразовна институција каде Македонистиката се изучува во целосна обука од лиценца до докторатот. Благодарение на научната работа на професорката Пејоска-Бушро за македонскиот јазик, литература и цивилизација и нејзината посветеност на неговата промоција, во 2015 година беше создадена Професорска катедра за македонски студии. Франција е единствената земја во светот која има Професорска катедра по македонистика, надвор од Македонија.

– Во моето пледоаје покажав дека на меѓународно ниво овој интерес постои, но дека со текот на времето се намалува. Намален е бројот на универзитети каде што се изучува македонистиката, намален е бројот на ученици, се намалуваат истражувачките центри и истражувачите кои работат на македонистиката во простор и време, вели Пејоска-Бушро.

Според неа интересот за македонистиката, кој беше многу важен во 19 век, опаѓа од причини кои не беа научни туку политички – Турската Империја, Балканските војни, светските војни, доцното стандардизирање на македонскиот јазик и тоа што е клучно, судирот меѓу Тито и Сталин во 1948 година.

– Овој интерес се префрли на бугарскиот јазик или „бугарско-македонски“ јазик, терминологија која почнува да се појавува тогаш. Бугарија беше во источниот блок, додека Македонија беше интегрирана во федерацијата Југославија. Македонија ги претрпе последиците од разидувањето меѓу Тито и Сталин, додека Бугарија имаше корист од овој раскол. Мојата трета цел беше да го добијам лабелот „ретка дициплина“ кој гарантира признавање, заштита, можно проширување на студиите, со помош на финансирања и зачувување на Македонистиката во ИНАЛКО со неможност да се спои со други студии, особено со бугарските, додава Пејоска-Бушро.

Зачувувањето и ревитализацијата на Македонистиката според професорката Пејоска-Бушро ќе придонесе за етничката, јазичната и културната различност, основата на човештвото. Таа објаснува дека старословенскиот, кој основа на словенската писменост и христијанизацијата на Словените на нивниот јазик, e осветен како четврти свет јазик по латинскиот, грчкиот и еврејскиот. Тој не е суштински само за истражувањата на славистиката, но е и извонреден придонес на Македонија во универзалната култура.

Изучувањето на македонскиот јазик во Франција датира уште од шеесеттите години на минатиот век, од 1973 година започна со работа Лекторатот по македонски јазик во Париз, а од  2015 година и Професорската катедра