„Срцето ми крвари при помислата дека таа седи сама во некоја затворска ќелија, далеку од дома, без било кого со кого би можела да разговара..Еден ден ќе ја имаме толку потребната приватност за да ги споделуваме нежните мисли кои се закопани во нашите срца” и напишал своевремено Јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела, на сопругата од вториот брак Вини, во периодот кога тој бил на издржување на затворската казна и кога и неа ја сместиле во 15 месечна самица…

Репортажава посветена на состојбата со Македонските казнено-поправни установи и перспективите за нивно доопремување но и за похуман третман на затворениците и притворениците и за нивна ресоцијализација, не случајно ја почнуваме со извадок од едно од 225-те писма на Мандела напишани за време додека бил 27 години зад решетки.

Photo:Times

Поводот за таков почеток „лежи“ меѓу другото и во сличната сторија како аналогија на оваа од пред педесетина година, но која овој пат доаѓа од „Затвор Скопје“ меѓу народот познат како Шутка, но и како илустрација дека занданите, не само што асоцираат на суровост туку знаат да изродат и по некоја љубовна приказна.

Имено минатата 2020 година, во Шутка се случила љубов која резултирала со брак меѓу двајца притвореници. Бракот се склучил во една од затворските келии, откако судот претходно дал одобрение за реализација на чинот. Станува збор за притвореничка со иницијали Б.П. која сеуште е во притвор каде чека второстепена пресуда во „Затвор Скопје“. Додека ја издржува мерката притвор Б.П. го запознала сегашниот сопруг кој исто така бил во притвор.Но по кусо време, притворениот сопруг на Б.П. е ослободен од притвор, а сега тој како слободен граѓанин сеуште ја посетува притворената млада сопруга.

Секако ова е едно од оние убави случувања, кои сигурно ќе влезат во аналите на затворското  живеење а нам ни даде одлична иницијација за почеток на  она што беше наш целен ориентир на професионалниот предизвик да ѕирнеме во и околу затворите..

Во Република Северна Македонија има вкупно 11 Казнено поправни установи од кои 7 се затвори и тоа:

КПУ Затвор Скопје, КПУ Затвор Куманово, КПУ Затвор Струмица, КПУ Затвор Гевгелија, КПУ Затвор Битола, КПУ Затвор Охрид и КПУ Затвор Тетово.
Има четири Казнено поправни домови. Од таков ранг се затворите во Идризово, Штип, Прилеп и во Струга кој е од отворен тип. Во земјава функционира и една воспитно поправна установа а тоа е „Воспитно поправен дом Тетово“.

Вкупниот број на осудени лица во моментов е 2001, на притворени 285 и на малолетни штитеници 18. Од затворениците, анализирано по потешки сторени кривични дела и врз таа основа добиена казна, статистиката изгледа вака:

Доживотен затвор вкупно издржуваат 42 лица.

Причинети кривични дела против животот и телото и осудени според членот 123, односно за убиство, затворска казна отслужуваат 31 лице.

За кривичното дело против имотот односно според член 237, делото разбојништво во моментот на отслужување на затворска казна е едно лице.

Од спектарот кривични дела против половата слобода и половиот морал кои се опишани во член 188 кој се однесува на полов напад врз дете, во затвор е исто така едно лице.

Кривични дела против јавниот ред што ги третира членот 394 како злосторничко здружување, казната затвор ја отслужуваат 9 лица.

Или околу 0,1 одсто од вкупното население во земјава, е во некоја од казнено поправните установи на дневна основа, иако овој број варира постојано, информира за НоваТВ, директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски.

Спaсовски за НоваТВ ја сподели информацијата за тоа колку ја чини државата еден затвореник. Па така излегува дека, ако во просек изнесува 450 денари еден затворски ден, кој вклучува комуналии, храна, хигиена, одржување на објекти и опрема, здравствена заштита и слично, годишно се доаѓа до износ од 164. 250 денари или грубо земено околу три илјади евра.

Менито за затворениците и притворениците и дијалогот за тоа колку е квалитетно трае колку што траат овие установи. Од Управата за извршување на санкции уверуваат дека  затворското мени се подготвува според предвидени критериуми и Правилник за калорична вредност на храната.

Што се однесува до Програмите за ресоцијализација, тие не се спрведуваат како обврзувачки па така степенот на прифаќањето е различен од осудено до осудено лице, и нешто кое најчесто зависи и од карактерот на осуденикот. Тоа е програма која е континуирана но која е индивидуална за секое осудено лице и така се прилагодува, уверуваат надлежните.

Секако, стандарди се применуваат и околу просторноста на келиите. Според членот 157 од Законот за извршување санкции , просториите не смеат да бидат влажни а за секое лице просечно треба да се обезбеди простор од околу 9 кубни метри односно 4 метри квадратни.

Македонските затвори постојано се напаѓани поради лошите услови за престој далеку под стандардите на напредниот свет. Но, и  реновирањето е континуиран процес подложен на варијабилни рокови, зашто работиме постапно во капацитетите поради присутноста на затвореници или притвореници, вели првиот човек на Управата за извршување санкции. Во продолжение следуваат фотографии пред и потоа реновирањето.

Во рамките на проектот за реконструкција на Казнено поправните установи (КПУ)во Република Северна Македонија, изградени се објектите од првата фаза на изградба на Казнено поправниот дом Идризово, конкретно полуотвореното и отвореното  одделение со капацитет за  сместување на 546 осудени лица. Овие две одделенија  се целосно завршени и опремени со мебел а е извршена и реконструкција на Административната зграда и изградена е пречистителна станица. Овие објекти на крајот на Август пред три години се отворени и се ставени во функција  а од почеток  на 2019 година  по добивање на Одобрение за употреба од Министерството за транспорт и врски, започна  и трансферот на осудени лица во објектите во овие одделенија, информираат од Управата за извршување санкции.

Вториот дел на реализацијата на проектот, реконструкција на (КПУ) ќе продолжи  во  периодот 2021-2025 година, односно втората фаза, во чии рамки е предвидено да биде изградено затвореното одделение .

Во рамките на Националната програма ИПА II од Инструментот за предпристапна помош (ИПА), меѓу Секторот за централно финансирање и Секторот за склучување на договори (ЦФСД) и избраните понудувачи потпишани се договори, кои овозможија минатата година да е комплетно завршена реконструкцијата на (КПУ) Затвор Битола, натаму изградбата на судница за 120 лица во (КПД) Идризово.

Изграден е нов Воспитен дом во Тетово кој кон крајот на октомври 2020 година е ставен во функција.

Во (КПУ) Затвор Струмица реализирани се повеќе активности од ,,Програмата за финансирање на изградба, реконструкција, одржување на објекти и опремување на казнено-поправните и воспитно-поправните установи за 2021 година”. Во оваа установа извршена е реконструкција и адаптација на постоечка просторија во спални соби, како и реконструкција на тоалет, трпезарија и ходник. Направени се нови спални соби со што капацитетот на оваа установа се зголеми за 15-18 лица.

Во (КПУ) Затвор Скопје реновирана е ќелијата Б2 И, над управната зграда поставен е нов лим и фотоволтаични панели. Преку истите ќе се постигне енергетската ефикасност односно намалување на трошоците и потрошувачката на енергија, без загрозување на здравјето, без негативно влијание на развојот, притоа водејќи сметка за општиот интерес.

Во завршна фаза е и гасификацијата на (КПУ) Затвор Скопје со цел намалување на аерозагадувањето.

Во притворското одделение на (КПУ) Затвор Скопје-Скопје  спроведена е активност за молерисување на просторија во која се работно ангажирани осудените лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор во установата. Исто така извршено е поставување на термоизолациона фасада која е комплетно завршена на крилото Б и крилото В со што со поставувањето на новата фасада и прозорци на собите значително се зголеми енергетската ефикасност на установата.

Поставен е комплетно нов покрив на крилото Б а во тек е поставување на нов покрив на крилото В на објектот.

Во (КПД) од отворен вид Струга, се врши комплетна замена на прозорците во установата и се монтира нов покрив на објектот.

Во (КПУ) Затвор Куманово, (КПД) Штип,(КПУ) Затвор Гевгелија, (КПД) Прилеп, (КПУ) Затвор Охрид и (КПУ) Затвор Тетово, не се почнати зафати за комплетна реконструкција но, како што информираат од Управата за извршување санкции и таму постојано има зафати за одржување  на објектите.

Како што споменав и погоре во контекст на незадоволството од условите и оттаму честото бивање мета на критики од јавноста,македонските затвори се предмет на постојан мониторинг од страна на Советот на Европа, кој секоја година укажува на сериозни проблеми кои ја компромитираат хуманоста на општеството во целина.Неодамна Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа објави соопштение во кое се наведуваат детали од последниот извештај на Советот на Европа за состојбите со затворите кај нас. Во соопштението, меѓу другото се вели:„Извештајот детално ги опишува нехуманите и понижувачки услови пронајдени во главните области за сместување на овој затвор.Уште еднаш се наведени долгогодишните недостатоци во истражниот затвор во Скопје, како во однос на материјалните услови така и во отсуство на значаен режим, стои во соопштението од Комитетот на Министри на Советот на Европа.

Трендот на подобрување на условите во затворите забележува добра динамика, што само по себе не би значело ништо, ако истиот не се интензивира.

 

Мирјана Трпческа