Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека треба да ѝ се помогне на Украина, но никако за таа да ја нападне Русија.

„Наша должност е да ѝ помогнеме на Украина како што правиме, да ја заштитиме нејзината територија, а не за таа (Украина) да може да ја нападне Русија. Ние не сме во војна со Русија“, изјави Макрон за француската онлајн телевизија BFMTV.

Според него, целта е Украина да пружи отпор, да си го врати суверенитетот, а Русија да седне на преговарачка маса.

Францускиот претседател ја оцени најавата на Русија за мобилизација на резервистите и заканата од употреба на нуклеарно оружје како уцена.

„Очигледно е уцена, бидејќи тој (Путин) има такво (нуклеарно) оружје и опасноста е секогаш присутна. Тоа е начин на притисок во тешко време на војна“, рече Макрон.