Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го потпиша новиот, значително построг закон за борба против тероризмот, кој ќе ја замени сегашната вонредна состојба.
Франција задутре треба да ја укине вонредната состојба, која беше воведена по крвавите исламистички напади во ноември 2015 година, кога загинаа 130 лица.
– Законот ќе ни овозможи да излеземе од вонредна состојба, а истовремено целосно да ја гарантираме безбедноста на нашите сограѓани, изјави Макрон.
Законот ќе им даде големи овластувања на претставниците на централната власт, кои ќе можат да наредат истраги, да изрекуваат забрана на осомничени исламисти да го напуштат градот каде што живеат и да затвораат верски центри во кои се проповеда насилство и радикализам, сето ова без судски налог.




