Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е потребна реформа на Шенген зоната и дека таа треба да се раководи преку редовни министерски состаноци, како што е тоа случајот со еврозоната.
Британските медиуми пренесуваат дека на последниот состанок на европските министри за правда и за внатрешни работи, Макрон укажа на потреба од т.н. Шенгенски совет да проценува како функционира зоната, да донесува заеднички одлуки и да ја олеснува координацијата за време на кризи.
Таков Совет може да стане лицето на силна, заштитничка Европа, која може да ги контролира нејзините граници, а со тоа и својата судбина, рече Макрон.
Тој додаде дека првиот состанок на овој Совет ќе се одржи на 3 март со присуство на европските министри за правда и за внатрешни работи.
Предлогот на Макрон бара поддршка и од другите земји-членки на ЕУ, но француските власти посочуваат дека нема да биде неопходно да се менуваат договорите на ЕУ.
Треба да ја реформираме Шенген зоната. Не може да има слобода на движење, доколку не ги контролираме нашите надворешни граници, рече Макрон.
Франција предлага и воспоставување механизам за кризни ситуации што би можел да се активира во случај на закани за надворешните граници на Унијата.




