Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во тетовска Мала Речица е лоциран во горниот дел од селото, на подножјето на Шар Планина. Над него распукала прекрасната Шара, а под ова духовно светилиште и од неговата лева и десна страна се наоѓаат илјадници домови, каде живеат семејства од муслиманска вероисповед. Иако од различна вероисповед, велат дека манастирот им е прв сосед каде можат да се обратат за било каква помош.

Домот на Сејдула Бајрами е на само десетина метри од имотот на манастирот. Вели дека со луѓето кои го одржуваат и се грижат за манастирот, меѓусебно постојано се помагаат, се дружат, сe честат со кафе, чај, благо. Различната вероисповед велат дека за нив е најмала пречка, да им се расипе долгогодишното пријателство. Кај Бајрами нè однесе домарот на манастирот кој во Тетово сите го знаат како чичко Ристо. Веднаш се прегрнаа со Бајрами.

„Како што гледате се почитуваме меѓусебно. Ако ми затреба некаков алат ми даваат и обратно јас им помагам. Ако не помогнеш на прв сосед, на кого тогаш, 2001 година, односно конфликтот заврши одамна. Сега треба да се живее и да си се помагаме“, рече Бајрами.

Чичко Ристо во манастирот живее неколку години. Постојано е во контакт со соседите Албанци, што му помогнало да го усоврши албанскиот, јазик кој и претходно солидно го познавал.

„Уживам во разговорите со соседите кои повеќе ги има во летниот период, сега на зима како што гледате сите се заминати на печалба“, кусо ни соопшти чичко Ристо.   

Дека нема никакви проблеми на верска и национална основа, ни раскажаа и од манастирското настојателство на ова духовно светилиште. Напротив, со соседите Албанци заедно работиме за општо добро на сите жители од овој крај, велат од настојателството.

„Ние заедно соработуваме. На пример од каптажата од каде зема манастирот вода е направено да поминува цевковод низ нашиот манастир до Голема Речица. Мештаните од ова село формираа одбор, дојдоа кај нас, разговаравме за оваа работа и во добрососедски дух тоа се заврши, односно водата од каптажата да ја користат и жителите од Голема Речица. За сето ова беа потребни некои градежни зафати, а тоа го финансираа мештаните. Сега немаме никаков проблем. Жителите од Голема Речица имаа вода, а нас количините на вода ни се зголемија затоа што каптажата се уреди“, рече Илија Симјановски од манастирското настојателство при манастирската црква „Свети Георгиј“ во Мала Речица.    

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во воениот конфликт во 2001 година беше целосно опожарен. После неколку години се формираше иницијативен одбор за обнова на манастирот. На самите почетоци, се сеќава Илија, одборот остварил средба со тетовскиот муфтија.

„Тоа беше некаде 2008-2009 година, а интензивно се гради манастирот од 2012 година. Со муфтијата немаше никаков проблем. И од месното население немавме никакви реакции дека ќе го возобновуваме манастирот, дури и ни помагаа, ни даваа вода и струја. Потоа ни помагаа со алат, со по некој совет. Тука е планинско место и ние немавме некакво искуство, тука тешко се градеше. Планина е, нема можност да пристапи механизација затоа од голема помош ни беа мештаните“, рече Симјановски.

Манастирот e вистинско катче за тетовци. Од урнатини, како последица на воениот конфликт во 2001 година, местото е претворено во вистински рај. Има манастирска црква, трпезарија, тоалети, конак, видиковец, местото е хортикултурно уредено, има сопствен паркинг, прекрасен поглед кон Тетово и она што најмногу им недостига на граѓаните чист воздух. Моментално се гради скара и фурна потребни претежно за летниот период, кога тука доаѓаат голем број на излетници.  

„Целта е на местото да му го вратиме некогашниот сјај, затоа што оваа локација порано била излетничка. Прекрасно е местото, на одлична надморска височина, многу зеленило и блиску до градот. Ги повикуваме сите да го посетат местото“, велат од манастирското настојателство.  

Инаку во манастирската црква „Свети Георгиј“ која според некои податоци датира од 13 век се празнуваат повеќе празници, а празник на манастирот е Ѓурѓовден. Од ова духовно светилиште започнала и традицијата специфична само за Тетово, на 6 јануари на Бадник да се пали бадникарскиот оган.