„Зелена агенда-Обновливи ресурси, македонска храна, европски пазари“, беше темата на вториот настан што денеска се одржа во Скопје, посветен на годишниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2022 година „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности”.

Во првиот дел од дискусијата вовед даде вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој истакна дека реформите мора да продолжат и секоја институција треба да биде на ниво на задачата, особено законодавниот дом.

„Евроинтеграцијата е државен и тимски процес“, истакна Маричиќ пред присутните и додаде дека обврската што ја презема оваа Влада е тешка, но развојот, просперитетот, европската економија и европскиот животен стандард се приоритет.

-Знаеме дека обврската што ја преземаме е тешка, но знаеме и која ни е целта – развој, просперитет, европска економија, европски пазари и европски животен стандард за граѓаните до крајот на 2030 година, амбициозна, но достижна цел која само бара посветеност и ангажман на сите општествени чинители. Тоа не е само обврска кон ЕУ и преговорите за членство, туку е и наша должност и обврска кон граѓаните, потенцира Маричиќ.

Според него, сите поглавја од преговорите се важни, но двата кластера, за зелена агенда и за земјоделство се посебно значајни, посебно во овие, како што рече, услови на криза.

Извор: Бриф