Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Брисел се сретна со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која разговараа за задачите и обврските кои Македонија треба да ги заврши во процесот на евроинтеграција.
На средбата, Вархеји ја потврдил поддршката за Северна Македонија од европските партнери, која според Маричиќ треба да ја искористиме и да биде мотив да продолжиме со процесот на преговори подинамично и интензивно.
На средбата вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ го брифираше еврокомесарот за текот на скринингот и подготовките за изработка на важните патокази, како и за изработката на приоритетниот реформски план.
„Имаме капацитет да го задржиме темпото на скрининг и да го искористиме овој дел од преговорите за да подготвиме темелен реформски план кој за кратко време ќе ги исполни очекувањата и на ЕУ и на македонските граѓани“, рекол Маричиќ.
Тема на разговорот биле и актуелните политички случувања и заедничкото справување со енергетската криза.
За односите со Бугарија било констатирано дека разликите мора да се решаваат врз европските вредности, на европски начин, со меѓусебно почитување и во духот на добрососедските односи.