Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц изјави дека нема да бара уште еден мандат во Брисел туку дека следната година ќе се кандидира за германскиот Бундестаг.
Во изјавата за европското изадние на „Политико“, Шулц истанува дека сака да се врати во домашната политика. Магазинот објавува дека Шулц сигурно и ќе освои место во федералниот парламент, меѓутоа она што одамна се шпекулира во јавноста е дека тој не се интересира за пратеничко место, туку за канцеларската позиција и дека вистинска причина за неговото повлекување од Брисел е таа дека на изборитѕе во 2017 година сака да и се спротивстави директно на Ангела Меркел.
Германската главна партија на левиот центар, Социјалдемократската партија (СДП) се наоѓа под притисок да одлучи кој ќе и биде противкандидат на германската канцеларка во 2017., откако Меркел објави кандидатура за четврти мандат. Еден од потенцијалните, а можеби и најсериозен е Мартин Шулц, кој на изборите можеби би имал поголеми шанси од неговиот партиски колега Зигмар Габриел, министер за економија и вицеканцелар, кој нема толкава популарност во земјата.
Успесите и пеховите на Меркел
Ангела Меркел во текот на бегалската криза цврсто зазеде став поради кој денес и многу ја осудуваат, вклучувајќи го и новиот претседател на САД Трамп, кој рече дека и се восхитува, но дека е разочаран од нејзината политика на „отворени врати“.
И покрај тоа, канцеларката на Германија одбива да се откаже од тој став, иако многумина и во самата Германија сметаат дека ги ставила универзалните пред националните интереси на нејзината земја.
Нејзината политика не помина безболно, имајќи предвид дека доживеа и забележителен пад во популарноста меѓу германските гласачи, кои од револт гласаа за ксенофобичната Алтератива за Германија и нејзините ултрадесничарски ставови.
Но и покрај критиките, растот на десничарскиот бран, Германија политички и натаму е постабилна од Франција или од Велика Британија, кои не примија ниту илјадити дел од мигрантите што ги прими Германија. Покрај тоа, и народот почна да ја враќа довербата во Меркел.
Според неодамнешната анкета на Билд, 55 отсто од Германците би сакале Меркел и натаму да биде канцеларка, што е значително повисок процент во однос на оние 42 отсто колку што беа на анкетата во август.
Меркел, без разлика на губењето на поддршката во сопствените редови, и уште послабата СДП, веројатно повторно би можела да направи голема коалиција.
Во директен судир со Меркел
Иако е член на партија која е коалициски партнер на Меркел, Шулц неколку пати и се спротивстави на канцеларката, често давајќи спротивни изјави од нејзините, на тој начин водејќи мала тивка војна. Заедно со Жан Клод Јункер, претседателот на ЕК, по Брегзит зазеде сосема спротивен став од оној на Меркел.
Тоа беше борба на две струи, кои на Брегзит гледаа како на шанса за преобликување на Европа според сопствените капали и изјави.
Во едниот агол е проектот за институционализирана Европа кој го заговараат Јункер и Шулц. Во другиот, се наоѓаат речиси сите шефови на влади и држави, на чело со германската канцеларка, која дури и направи сојуз и со членките од Источна Европа, со кои до пред неколку месеци беше во голем расчекор околу бегалците.
Мартин Шулц не ја криеше стратегијата и потребата ЕУ што побрзо да се отараси од Велика Британија, за разлика од Ангела Меркел која смета дека Британците не треба туку така да си заминат од ЕУ.
Германскиот весник Шпигел тогаш напиша дека зад кулисите се водела жестока дипломатска борба меѓу два табори, а судејќи според тоа дека Британците и натаму се во ЕУ, и дека членот 50 од Лисабонскиот договор не е покренат, се стекнува впечаток дека Меркел ја добила првата рунда, пишува Шпигел.






