Озгур Озел, лидерот на Републиканската народна партија (ЦХП), најголемата опозициска партија во земјата, на која ѝ припаѓа Имамоглу, ги повика Турците да излезат денес во 20:30 часот по локално време, и покрај заканите на власта.
Од сега никој не треба да очекува дека ЦХП ќе води политика во сали или згради. Од сега сме на улиците и плоштадите, порача синоќа Озел пред градското собрание во Истанбул, каде илјадници луѓе се собраа втор ден по ред во знак на поддршка на Имамоглу, главниот ривал на Ердоган.
Два моста и неколку големи сообраќајници кои водат до градското собрание се затворени денес за сообраќај на 24 часа.
Протестите се одржуваат од средата во најмалку 32 од 81 турска провинција, според Франс прес.
Министерот за правосудство Јилмаз Тунч ги оцени повиците на протести на опозицијата како „незаконски и неприфатливи“.
Ваков бран протести во Турција не се памти од големите протести од 2013 година кои почнаа од плоштадот Таксим.
Екрем Имамоглу, кого инспекторите почнале да го испрашуваат од петокот попладне, требаше во недела да биде имануван за кандидат на ЦХП на претседателските избори.
Но, во вторникот вечерта му е поништена универзитетската диплома, неколку дена пред да биде уапсен. Турскиот устав пропишува дека претседателски кандидат мора да има универзитетска диплома.
Имамоглу во 2024 година беше повторно избран за градоначалник на Истанбул откако градот го ослободи од рацете на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) во 2019.