Полицијата во Хонгконг обвини 44 лица поради немири за време на антивладините протести изминатиот викенд.
Според полицијата, вкупно 49 лица се уапсени во неделата, во најголемото масовно притворање откако започнаа протестите на 9 јуни против законот кој дозволува криминална екстрадиција во Кина.
Обвинетите треба утре да се појават пред судот и тие можат да се соочат со максимална десетгодишна затворска казна доколку бидат прогласени за виновни.
Полицијата во Хонг Конг денеска повторно употреби пепер спреј и палки во растерувањето на демонстрантите кои се собраа пред една полициска станица во градот.
Полицајците во опрема за разбивање демонстрациии со палки и штитови излегоа пред зградата на полициската станица за да се соочат со демонстрантите кои веќе со недели бараат поголема демократија во оваа поранешна британска колонија.
Протестот во неделата не беше одобрен од полицијата и се смета за „нелегален собир“, но тоа не ги спречи десетици илјади луѓе да маршираат низ Хонгконг.
Полициското присуство на почетокот било релативно минимално, но подоцна кога започнале немирите бил употребен солзавец против демонстрантите, кои возвратиле со фрлање тули и поставување барикади од улични огради и скеле од бамбус.
Голем број демонстранти, исто така, не се согласуваат со мешањето на Кина во работите во Хонгконг, бидејќи на поранешната британска колонија и беше ветена полуавтономија до 2047 година.




