Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Меѓу домашните слабости и европските преседани: Што навистина значи извештајот на Европскиот парламент за Северна Македонија?

0
By Zoran Ivanov on June 17, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Wednesday, June 17, 2026 17:20

Резолуцијата на Томас Вајц открива двојна реалност. Официјално Скопје е под остра критика за закочените реформи, додека во Европскиот парламент се води дебата за тоа како да се менаџираат билатералните спорови во процесот на проширување.

Џабир Дерала

Откако вчера во Стразбур официјално заврши пленарната дебата за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, денеска напладне се очекува европратениците да го дадат својот конечен глас за резолуцијата. Извештајот, чиј автор е известувачот за земјата, австрискиот европратеник од редовите на Зелените, Томас Вајц, предизвика дипломатски тензии во Брисел и во регионот. Документот претходно беше усвоен на 3 јуни од страна на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ).

Факти наспроти политичките наративи

Извештајот истовремено упатува остри критики кон власта во Скопје за недостаток на внатрешни реформи, но го критикува и европскиот механизам кој дозволи билатералните спорови да го „киднапираат“ процесот на проширување, како што тврдат дел од дипломатите и политичарите во земјава и пошироко.

Спротивно на домашниот политички наратив кој вината за застојот ја лоцира исклучиво во Софија или Брисел, извештајот на Европскиот парламент нотира сериозни внатрешни проблеми во Северна Македонија. Европските институции не прифаќаат дека земјата е целосно подготвена и посочуваат на системски слабости.

Во Извештајот се изразува сериозна загриженост за недостатокот на напредок во клучните реформи. Се нотира ниска доверба во судството, проблеми со корупцијата на високо ниво и отсуство на транспарентни и брзи судски разрешници.

Европратениците, вклучително и Вајц, директно ги повикуваат сите политички чинители, особено владата и парламентарното мнозинство, итно да престанат со политичката поларизација и да испорачаат „опипливи, убедливи и вистински резултати“ во реформите.

И покрај обидите на Вајц да го ублажи јазикот околу билатералните протоколи, официјалниот став на ЕУ (потврден и во извештајот) останува непроменет: од владата во Скопје се бара да ги спроведе преземените обврски од 2022 година и да го измени Уставот за да го отвори првиот преговарачки кластер.

Кога спорот ќе се исчисти од дипломатската реторика – на површина излегуваат човековите права

Да го погледнеме процесот и од друг – далеку посуштински – агол. Кога спорот ќе се исчисти од дипломатската реторика, тој во суштина претставува прашање на човекови права, каде што објективните меѓународни институции (како Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права – ЕСЧП) бележат сериозни проблеми кај двете држави.

Вајц и дел од меѓународните набљудувачи го критикуваат процесот токму поради тоа што ЕУ дозволи евидентна правна асиметрија во условувањето.

Бугарија го правда своето вето и барањето за уставни измени со тврдењето дека етничките Бугари во Северна Македонија се соочуваат со системска дискриминација. Од објективен меѓународен аспект, овие ставови имаат реална основа. Европските набљудувачи нотираат дека говорот на омраза во јавниот дискурс често е поттикнуван и нормализиран преку антибугарската реторика на дел од политичката елита и националистичките структури. Ваквиот наратив системски се прелева во медиумите и образовниот систем, при што содржината во дел од историските учебници останува една од најчувствителните точки на спорот.

Како директна последица на оваа институционално толерирана атмосфера, регистрирани се физички напади и вандализам врз бугарските културни симболи и клубови. Најеклатантни примери за ова беа инцидентите со клубовите во Битола и Охрид, кои беа мета на каменување, оштетување на инвентарот и обид за палење. Извештаите на ЕУ континуирано предупредуваат на оваа поларизација, барајќи од македонските институции брзи истраги и соодветна судска разврска за сторителите.

Понатаму, државата го измени Законот за здруженија за да забрани организации чии имиња се поврзани со фашизмот или нацизмот, што резултираше со затворање на контроверзните бугарски клубови. Иако Венецијанската комисија при Советот на Европа потврди дека забраната на фашистички симболи е целосно легитимна цел, таа ја критикуваше државата за правниот метод. Според Комисијата, ретроактивната примена на законот врз веќе регистрирани здруженија и нивното распуштање преку административна одлука (од извршната власт), наместо преку независен судски процес како последна мерка, претставува ризик за кршење на слободата на здружување според меѓународното право.

Од друга страна, кога меѓународните правни тела ја оценуваат состојбата во Бугарија, сликата е драстично поинаква. Додека Софија бара малцински права во соседната држава, таа системски ги негира истите права на своја територија.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур има донесено над десет пресуди против Бугарија (најпознати се случаите на ОМО Илинден) поради систематско кршење на правото на слободно здружување на македонското малцинство.

Софија повеќе од една деценија одбива да ги спроведе овие правно обврзувачки пресуди. Дополнително, неодамнешни извештаи од Комитетот за човекови права на ОН потврдуваат дека Бугарија го крши Меѓународниот пакт за граѓански и политички права со одбивањето да регистрира македонски здруженија.

Преку своите амандмани (вклучително и Амандманот 214), Вајц инсистира дека сите земји-членки на Советот на Европа мора да ги почитуваат пресудите на ЕСЧП. Неговиот извештај укажува дека е лицемерно и штетно за кредибилитетот на ЕУ да дозволи една земја-членка да наметнува строги уставни услови за малцински права, додека самата таа земја активно ги игнорира пресудите на највисокиот европски суд за човекови права за истото прашање.

Како дојдовме до тука?

За да се разбере тежината на денешното гласање и зошто овој извештај предизвика бурни реакции, да погледнеме како дојде до овој политички ќорсокак.

По решавањето на спорот со Грција, Северна Македонија се соочи со две последователни блокади од различни земји и поради сосема различни причини.

Во јуни 2018 година, по потпишувањето на Преспанскиот договор, Грција го крева своето децениско вето. Европската комисија препорачува отворање на пристапните преговори.

И кога сѐ изгледаше дека децениското чмаење во ЕУ-чекалницата заврши, во октомври 2019 година дојде ново непријатно изненадување за Северна Македонија. Франција, поддржана од Холандија и Данска, става вето на отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Блокадата на Емануел Макрон не е поради билатерален спор, туку поради барање за целосна ревизија на методологијата за проширување на ЕУ пред да напредува која било нова земја.

Во март 2020, откако ЕУ ја усвојува ревидираната методологија според француските барања, Европскиот совет официјално дава зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија.

Тогаш, во ноември 2020 година, само неколку месеци по повторното зелено светло, кога ЕУ оптимизмот во Северна Македонија беше обновен – среде Ковид-пандемијата, Бугарија официјално става вето на преговарачката рамка. За разлика од француската блокада, ова вето е билатерално, фокусирано на спроведувањето на договорот за добрососедство меѓу двете земји потпишан во 2017 година, но се потпира и на историските наративи и статусот на македонскиот јазик.

По двегодишно тапкање во место, во јули 2022, под покровителство на француското претседателство со ЕУ, креиран е компромис познат како „Француски предлог“. Ветото се крева, но под услов Северна Македонија да го измени својот Устав и да ја внесе бугарската заедница во него, што станува дел од преговарачката рамка на ЕУ. Промената на Уставот за вклучување на Бугарите станува правен услов за отворање на Кластер 1 („Основи“).

Од 2023 до 2026 година трае институционална парализа. Собранието на Северна Македонија не успева да обезбеди задолжително двотретинско мнозинство за уставните измени. Со промената на власта, новиот државен врв одржува статус-кво, поточно, не прифаќа да спроведе уставни измени.

Главната меѓународна критика на „Францускиот предлог“ од 2022 година, која е во средиштето на евро-парламентарното гласање, е дека тој успешно интегрираше билатерални барања во официјалната рамка на ЕУ, што е преседан во политиката на проширување.

Правната реалност на гласањето во Европскиот парламент

Без разлика на тоа како ќе помине финалното гласање денеска, објективната меѓународна анализа укажува на тоа дека ова може да претставува форма на политички притисок, а не на правна рамка. Поточно, Извештајот на Вајц е силен политички сигнал. Сепак, тоа е резолуција, а не правно обврзувачки акт.

Резолуцијата нема моќ да ја промени преговарачката рамка усвоена од Европскиот совет.

Потребно е да се сфати дека овде се работи за двојна одговорност. Владата во Скопје не може да го користи овој извештај како алиби за неработење. Исто така, Европскиот парламент јасно порачува дека Северна Македонија мора да го реши прашањето со уставните измени. Уште поважно, како за ЕУ интеграцискиот процес, така и за граѓанките и граѓаните, е итното испорачување резултати во борбата против корупцијата и реформите во правосудството, кои во моментов се оценуваат како крајно незадоволителни.

Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

 

 

ЕУ Македонија Џабир Дерала
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Голем пожар во трговскиот центар „Ењуб“ во главниот град на Србија

June 15, 2026

Албин Курти со освоени 42,3 % од гласовите повторно во водство на изборите во Косово

June 7, 2026

Денеска пак избори во Косово – трети за годинаипол

June 7, 2026

Израелски проектил уби српски војник во Либан откако погоди база на ОН

June 4, 2026

Силен земјотрес го потресе јужниот дел на Италија

June 2, 2026
shortcut
ФОКУС
June 17, 2026

Блумберг: Договорот меѓу ДСАД и Иран во 14 точки е голем триумф на Иран и Сериозен удар за Израел

ВЕСТИ June 17, 2026

Според документот, Иран и САД, заедно со нивните сојузници, би прогласиле моментален и траен крај…

Европскиот парламент го изгласа извештајот за Македонија – задржан е спорниот дел за историјата

June 17, 2026

„Вака се казнуваат и се замолчуваат вработените во правосудството“ — остри критики за предлог-законите за судска и обвинителска служба

June 16, 2026

Техеран: Го отворивме Ормундскиот премин – минаа првите бродови

June 16, 2026
ТИКЕР

Голем пожар во трговскиот центар „Ењуб“ во главниот град на Србија

June 15, 2026

Албин Курти со освоени 42,3 % од гласовите повторно во водство на изборите во Косово

June 7, 2026

Денеска пак избори во Косово – трети за годинаипол

June 7, 2026

Израелски проектил уби српски војник во Либан откако погоди база на ОН

June 4, 2026

Силен земјотрес го потресе јужниот дел на Италија

June 2, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.