Рускиот претседател Владимир Путин даде мега интервју за државната телевизија „Русија 1“ во кое даде проценка на ситуацијата во енергетскиот сектор и говореше за причините на глобалната прехранбена криза.
Критики кон САД
Путин рече дека „по почетокот на специјалната операција во Украина, САД и Европа почнале да влечат потези со кои ја влошија ситуацијата во секторите храна и производство на ѓубрива“.
„Во истите тие Соединети Американски Држави, финансиските и индустриски власти не најдоа ништо подобро од следење на патот на вбризгување на големи количини на пари за поддршка на населението и за поддршка на поедини компании во секторот индустрија“, рече тој.
„Ситуацијата ќе се влошува, а цените ќе продолжат да растат“
Според негови зборови, сега се прави обид за префрлување на одговорноста врз Русија за случувањата на пазарот на храна и се работи за обид за „префрлување од болна глава на здрава“.
Рускиот претседател додаде оти е убеден дека ситуацијата со светските ѓубрива ќе се влоши поради санкциите, а цените на храната ќе продолжат да растат.
Извоз на жито од Украина
За Путин се блеф изјавите дека Москва спречува извоз на украинските житарки и изрази подготвеност да го подигне извозот на пченица на 50 милиони тони. Притоа го повика Киев да ги исчисти териториите кои се под негова контрола од миним поради сигурен извоз на житните култури и нагласи дека Русија нема да ја искористи ситуацијата за напад од море.
„Гарантираме мирен премин, без никакви проблеми. Тие мора да ги исчистат мините и да ги подигнат бродовите од дното на Црното Море што ги потопија за да го отежнат влегувањето во пристаништата на југот на Украина“, истакна Путин.
Додаде и дека во украинските пристаништа се наоѓаат „десетици странски бродови, чии екипажи сè уште се држат во заложништво“. Уште еднаш изрази подготвеност да осигура мирен транспорт на житарки и сигурен и безбеден влез на бродови во Азовското и во Црното Море.
„Веќе завршуваме со работите за деминирање. Украинските единици поставиле мини во три слоја. Работата се довршува и ќе создадеме потребна логистика“, нагласи рускиот претседател.
Путин потенцира дека украинското жито може да се извезува и преку Дунав и преку Полска, а како најефтин начин ја наведе Белорусија за што рече дека е потребно да се укинат санкциите.
Енергетска криза
Што се однесува до енергетската криза, Путин рече дека до неа дошло поради „кратковидата енергетска политика на европските земји“.
„Банките престанаа да даваат кредити, бидејќи се најдоа под притисок. Осигурителните компании престанаа да осигуруваат релевантни трансакции, престанаа да даваат земјиште за проширување на производството на локалните власти, ја намалија изградбата на специјализиран транспорт, вклучувајќи и цевководи. Сето тоа доведе до недоволно вложување во енергетскиот сектор во светот и како резултат на тоа доаѓа до зголемување на цените“, посочи тој.
Путин додаде дека „Европјаните не ги послушале итните барања на Русија за одржување на долгорочните договори за снабдување со природен гас, што се одрази негативно на енергетскиот пазар“.




